Избор Култура

„Вечера за глупаци“ ќе ја седне публиката покрај театарската сцена

Охрид, 6. април 2015 (ОХРИДПРЕС)- Народниот театар од Охрид утревечер премиерно ќе ја одигра тетарската претстава „Вечера за глупаци“ според текст од Францис Вебер, а во режија на Ирена Стеријовска.

Како што истакна режисерката Стеријовска, се работи за комедија во која се зборува за еден обичен човек во најневообичаеното попладне што може да се замисли воопшто.

Публиката ќе биде поставена непосредно по надворешните ѕидови во станот со што се става во една ексклузивна позиција каде одблиску може да го сведочи дејството во драмата. Со тоа, рече режисерката, сметавме дека малку повеќе ќе ја ангажираме ако ја раскажуваме приказната со една мала дистанца.

Vecera za glupaci2

– Живееме во време кога информациите патуваат многу брзо, кога треба ние како театарски работници да размислуваме како можеме да ја натераме публиката да стане од фотелјата пред телевизорот и да дојде во театарот. Во овие времиња единствена мецена во театарот е публиката. За да доаѓа, мора да ја раздрмаме емотивно, но и повеќе да ја ангажираме, појасни Стеријовска која ја остварува својата втора соработка со охридскиот театарски ансамбл, по проектот „Емигранти“.

Главната улога во претставата „Вечера за глупаци“ ја игра актерот Стрезо Стаматоски. Тој нагласи дека е среќен што може да работи со младата режисерка за која рече дека дозволува актерите да имаат слобода во процесот на подготовката на претставата.

– Се работи за една многу интересна, би рекол, доста реална приказна која може да му се случи секому. Навидум изгледа нереално, но е реална и заради некои причини завршува како што завршува. Можеби некои тоа го нарекуваат карма или судбина. Во однос на самиот процес, сметам дека актерите можат да направат многу лош производ особено ако се работи во ваков жанр и со луѓе кои не дозволуваат слобода. Тука го имаме сосема спротивното, и мислам дека со заеднички јазик и смисла за хумор, создадовме бојно поле со креативни идеи, а не со фрлање реквизити, нагласи Стаматовски.

Францускиот естаблишмент станува дегутантен кога од здодевност почнува да кани на вечера луѓе кои се поглупави од нив и на тој начин се забавуваат. Еден од ликовите е Пињон , човекот повикан на вечера што го толкува актерот Никола Тодороски.

– Задачата на овој лик е да постави едно прашање-кој е всушност глупакот на вечерата, дали тој што е поканет или тој што кани на таква вечера. Сметам дека успеавме да направиме една малку поквалитетна комедија, поразлична од сето она што досега сме го работеле. Специфичен е и начинот на игра.Помеѓу ѕидовите на оваа сцена има едно специјално изненадување за публиката, одгатна Тодороски.

Vecera za glupaci3

Во претставата играат и Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Филип Кипровски, Елизабета Стефановска и Павел Маслов. Сценографијата е на Стефан Спировски, а костимите ги изработи Ана Кркулевска.

Премиерното прикажување на претставата „Вечера за глупаци“ ќе биде во дводневен блок, утре и задутре, имајќи предвид дека се работи за 67 седишта наменети за публиката.

– Публиката ќе ужива во еден суперквалитетен жанр и во една суперестетика што ја направи авторскиот тим. Ќе трае два часа. Сметам дека оваа претстава ќе биде многу често на репертоарот на Охридскиот театар, рече директорот на оваа национална установа, Горан Стојаноски.

Со утрешната комедија „Вечера за глупаци“, од септември минатата година досега, Народниот театар од Охрид има одиграно 70 претстави, а се направени пет премиери. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука