Избор Охрид

Повторно расте нивото на водата во езерото, денес на 693,98 м.н.в.

Охрид, 8. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Последните врнежи од дожд во регионот го кренаа нивото на водата во Охридското Езеро кое денес е на кота од 693,98 метри надморска височина, односно 23 сантиметри над максималната кота.

Со тоа продолжуваат огромните осцилации во водостојот на езерото, кое според охриѓани, се` повеќе се користи како акумулација за вода. Доволен доказ за тоа е и самиот факт што од октомври минатата година до денес нивото е зголемено за цели 80 сантиметри.

Колку сме неодговорни во односот кон нашето најголемо богатство доволно покажуваат и последиците од двете релативно силни невремиња, кои во март го погодија градот и предизвикаа сериозни оштетувања на објекти во првиот ред.

Охрид во текот на вчерашниот ден беше регионот каде наврна најмногу дожд на ниво на целата држава.

Метроролозите за денес најавуваат променливо облачно време, попладне со повремен дожд, а локално ќе биде и нестабилно, со пороен дожд и грмежи. УВ индексот ќе биде 6, а максималната температура во Охрид ќе се искачи до 18. степени.

– Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремен пороен дожд и грмежи. Денес и утре процесите ќе бидат поретки и со послаб интензитет, а од четврток условите за нестабилност повторно ќе се зголемат, информираат од УХМР Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес/Метео фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави