Избор Охрид

Прво Парламентарно сослушување за заштитата на културното и природното наследство на Охрид

Скопје/Охрид, 21. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денеска ќе се одржи првата надзорна расправа за доследно спроведување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, како и за целосно транспонирање на Конвенцијата за заштита на нашето природно и културно наследство на УНЕСКО со домашното законодавство.

Расправата е на иницијатива на владејачкото мнозинство, но е поддржана и од пратениците од опозицијата. Собраниската Комисија за култура на почетокот на овој месец едногласно донесе одлука за организирање ваква надзорна расправа.

Поканети се вкупно триесетина сведоци, сегашни и поранешни раководни лица од различни државни органи, институции, јавни претпријатија, научни институции и граѓански организации од областите на културата и животната средина.
На првото сослушување ќе присуствуваат министрите за култура, за животна средина и за транспорт и врски, Роберт Алаѓозовски, Садула Дураку и Горан Сугарески, проф. д-р Донка Барџиева, експерт во заштитата на културното наследство, градоначалниците на Охрид и на Струга, Јован Стојановски и Рамиз Мерко, поранешниот прв човек на Струга, Зијадин Села и Александра Бујароска од НВО Фронт 21/42.

Покрај оваа денес, предвидени се уште две надзорни расправи.

Статусот на Охрид, како град на листата на Светско наследство на УНЕСКО, е во опасност и градот може да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. До 2019 година Македонија треба да направи повеќе активности за заштита на Охрид и Охридското езеро како светско културно и природно богатство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука