Избор Охрид

Поранешниот градоначалник Петрески пуштен од затворот во Шутка

Охрид, 6. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески денеска е пуштен од притворското одделение во Истражниот затвор „Шутка“ во Скопје.

Извори блиски до семејството на Петрески за Супер радио брифираат дека за неговото пуштање на слобода под гаранција е ставена семејната куќа чиј сопственик е мајката на Петрески, а не е дадена никаква сума од половина милион евра како што претходно се шпекулираше.

Дознаваме и дека членови на неговото семејство се веќе на пат за Скопје.

Екс-градоначалникот Александар Петрески беше приведен во ноември минатата година во рамки на акцијата „Јагула“ заедно со уште 14 други лица. Нему и на уште тројца негови соработници во општината им беше одредена мерка притвор, а на Петрески таа мерка му беше продолжена дури четирипати.

Како што тогаш соопшти МВР, приведените во акцијата се осомничени за повеќе кривични дела злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, перење пари, фалсификување или оштетување деловни книги, оштетување или повластување на доверители, примање поткуп и помагање. Петрески беше осомничен за сите овие дела освен за помагање, но досега се уште нема покренато обвинение против него.

Александар Петрески беше градоначалник на општина Охрид во два мандата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука