Охрид, 31. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид премиерно беше прикажан документарниот филм „До инклузивност со соработка“, кој ја следи интимната приказна на Николина Новакова, ученичка со попреченост во осмо одделение во ОУ „Св. Климент Охридски“.
Филмот носи силна порака со која сакаме да промовираме една позитивна инклузивна практика која е создадена благодарение на инклузивниот тим на ова училиште, потенцира Мимоза Петреска Георгиева од Здружението
„Сината птица“ од Скопје
– Позитивната инклузивна практика е сензибилизација на типичните ученици бидејќи тие многу малку знаат со какви се потешкотии на дневно ниво се соочуват нивните другарчиња со попреченост. Она што неж мотивираше да го направиме овој документарец, е неверојатниот ентузијазам и посветеност на целиот инклузивен тим на училиштето, кој со своите напори укажува на тоа дека инклузијата на учениците со попреченост не е само законски облигаторна, туку е и жив, активен процес во кој личната иновативност, пожртвуваност и мотивираност се од огромно значење, подвлече Петреска Георгиева.
Педагогот во училиштето, Славица Илиќ е еден од инцијаторите и спроведувачите на концептот на сензибилизиација на типичните ученици. Според неа колку што е важна реализацијата на воспитно – образовниот процес, описменувањето на децата, исклучително е важно тие да се чувствуваат пријатно, да бидат задоволни и прифатени во училиштето.
– Веќе се минато непријатните ситуации кога децата со попреченост беа стигматизирани, отфрлени и непочитувани од врсниците. Сега имаме друга ситуација, особено последните две години каде спроведуваме посебна програма во нашето училиште. Нашето училиште има ученици со посеббни потреби кои наставата ја следат во посебни паралелки, но законски сме обврзани да ја испочитуваме желбата на родителите и да им овозможиме на сите оние деца кои имаат желба наставата да ја следат со своите врсници во редовните паралелки, потенцира Илиќ.
Таа додава дека не е значајна само физичката присутност на овие деца во типичните паралелки, туку важно е и наставата да биде приспособена кон нивните можности.
– Ние ги следиме децата и им даваме препораки на родителите. Практично и ние растеме заедно со нашите деца, рече Илиќ.
Што се однесува до кадрите, училиштата последниве години се екипираат со стручни кадри. Педагози и психолоизи има во сите училишта, но секако е потребно доекипирање, вели Илиќ.
На проекцијата присуствуваше и градоначалникот Јован Стојаноски, кој го изрази задоволството што охридското училиште е е вклучено во ваков важен проект.
– Станува збор за единствено училиште во општината кое е верифицирано за изведување на воспитно-образовна работа за деца со посебни образовни потреби уште од 1967 година. Општина Охрид како одговорна локална власт на ова прашање му посветува посебно внимание и во рамките на можностите и законските надлежности ги помага училиштата во создавањето на услови за вклучување на лицата со попреченост во образовниот процес. Свесни сме и перманентно се подготвуваме, заедно со другите субјекти, да ги интензивираме процесите , во училиштата да се обезбедат услови за запишување на децата со попреченост во редовното образование, во согласност со нивните потреби, при што секое дете ќе ја добие потребната помош во воспитно-образовниот процес, потенцира Стојаноски.
Документарецот „До инклузивност со соработка“ е во продукција на здружението „Сината птица“, поддржан од „Фондацијата Отворено општество Македонија“. Режијата е на Ана Глигорова која е и косценарист на филмот. DVD копии од филмот се веќе направени и ќе бидат поделени низ училиштата низ Македонија, како и по министерствата и други релевантни институции. Ќе се направат обиди документарецот да биде прикажан и некоја од телевизиите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес