Во недела „Стаклена менажерија“ премиерно пред охриѓани
Охрид, 31. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот народен театар во недела, 3-ти јуни, премиерно ќе ја одигра претставата „Стаклена менажерија“, работена по текст на Тенеси Вилијамс, во режија на Софија Ристевска Петрушева.
Ова е прва премиера за годинава и вкупно 25-та во седум годишното постоење на Народниот театар Охрид. Станува збор за автобиографско дело на Вилијамс првпат поставено 1944 во Америка, вели директорот на театарот, Стрезо Стаматовски.
– Ова е текст со кој тој се запишува на мапата на најпознатите автори на пиеси. Всушност со него внесува новитет т.н. „пиеси на сеќавања“, значи вметнува нов бран во пишувањето пиеси. Процесот на подготовка на претставата беше краток интензивен, но и забавен. Глумците ќе ги видите во едно многу поинакво светло, самата актерска игра е поразлична од она што претходно го гледала публиката, вели Стаматовски.
Претставата е семејна драма, доминантна е мајката, која што го управува семејството и ги води своите деца во една емоционална бездна, вели режисерката Софија Ристевска Петрушева.
– Се зафатив за злото во ова време на либерален капитализам кое доминира со нашиот свет. Човекот се помалку има љубов во себе, се помалку знае да сака, општеството не се грижи за послабиот. Така што претставата зборува за доминантноста на посилниот и за слабоста на оној што не е толку силен да се бори. Претставата дава повик дека послабите во општеството треба да се почитуваат. Ќе потенцирам дека е семејна драма, но не е битова воопшто, што и дава една голема емоционална сила. Со оваа претстава на некој начин се бориме за правата на маргинализираните, бидејќи и тие имаат право на живот, рече Ристевска Петрушева.
Во претставата играат: Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ Тодороска и Филип Кипровски.
Ликот за кого е всушност претставата го толкува Адријана Билаловиќ Тодороска. Ликот на Лора е исклучително комплексен и е лик кој секоја актерка би посакала да го игра.
– Станува збор за сложен лик кој бара многу, ликот се трпи на сопствена кожа. Лора е срце и душа на претставата, бидејќи таа е за неа, за послабиот, за оној кој е истиснат од суровиот општествен метеж во кој живееме, потенцира Билаловиќ Тодороска.
Никола Тодороски ја игра улогата на мајката. Станува збор за лик кој ги притиска останатите и е олицетворение на сето зло кое може да се натрупа во општеството.
– На задоволство на сите успеавме да направиме мошне интересна претстава. Тотално сме во друго светло, многу поразлично од она што е навикната публиката да не гледа. Конкретно на мојот лик не му дадовме полова димензија, туку е архитипен лик олицетворение на се она што може да те влече и прави да се чувствуваш несигурно, истакна Тодороски.
Премиерата в недела е со почеток во 20:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |