Скопје/Охрид, 2. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Група ученици и наставници од ОУ „Григор Прличев“ од Охрид беа дел од прославата на „Денот на германскиот јазик“, која денес се одржа во Градскиот парк во Скопје.
– Веќе полни осум години ОУ „Григор Прличев“ е дел од глобалната мрежа на партнер-училишта на Гете Институтот. Чест и задоволство е да се биде значаен дел од настан кој покажува колкав е придонесот на германскиот јазик и култура за учениците, порачаа одговорните.
Под мотото „Ден на германски јазик“ денес се одбележа 10-годишниот јубилеј на ПАШ-програмата, во организација на Aмбасадата на Германија, Гете-институтот, Германската служба за академска размена, Здружението на професори по германски јазик, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и училиштата кои имаат специјални паралелки со поголем фонд на часови по германски јазик.
Учениците од основните и средните училишта на германски јазик изведуваа кратки театарски претстави, читаа поезија и проза, а специјални гости беа германското хип хоп и реге дуо „Уве Ка“.
– Наша цел е да создадеме одржлив интерес и воодушевување за модерна Германија и германскиот јазик, при што сум свесен дека овде во Македонија наидуваме на отворена врата бидејќи германскиот јазик е веќе многу распространет. Тоа се должи на тоа што Германија е водечки партнер за соработка со речиси сите политички, економски и културни области, како и на блиските меѓучовечки врски кои постојат, меѓудругото, и преку 100.000 македонски државјани кои живеат во Германија, рече на отворањето на настанот германскиот амбасадор во земјава, Томас Герберих.
Во парк свои штандови имаа основните училишта „Песталоци“, „Григор Прличев“ од Охриц и „Владо Тасевски“, гимназиите „Георги Димитров“, „Јосип Броз Тито“ и „Браќа Миладиновци“, државните универзитети од Скопје, Штип и Тетово, како и германските и австриските партнери, кои ги претставуваа своите наставни програми по германски јазик. (Крај)
извор: ОхридПрес/СДК фото: Моника Сашанска