Избор Култура Охрид

Промовиран романот „Виори низ сонот и фантазијата“ од Георги Ставрески

Охрид, 25. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа се одржа промоцијата на романот „Виори низ сонот и фантазијата“ на младиот автор и волонтер на охридскиот Црвен Крст Георги Ставрески.

Пред присутните свое обраќање имаше авторот Ставрески, а се обратија и промоторите проф. Вангелко Лозаноски, наставникот Љубица Чифлигароска и м-р Ивана Рилкова Томеска.

– Првичната замисла пред околу четири години ми беше да напишам романче, бидејќи најмногу уживав читајќи прозни дела, а неговата тематика да бидат лудориите во летниот распуст во кои тогаш уживав. Меѓутоа секој нов збор, нова реченица ми внесуваше нова идеја. По некое време ја поставив фабулата и замислата по која ќе се движи дејството во овој роман. Учев средно медицинско кое бараше ангажман и посветеност, а останатото беше во заден план. Веројатно затоа ја имав оваа година неочекуваната пауза од образование, а тоа ми даде можност замислената фабула, да добие содржина. Тргнав од идејата што и да напишам да биде уникат, невидено, ново, оригинално. И сите Вие кои ќе го прочитате овој роман ќе осознаете зошто е оригинален, истакна авторот Ставрески.

Професор Вангелко Лозаноски напомена дека „младата генерација поети, писатели во Македонија, носат нови теми и содржини во македонската литература, а во таа група е и младиот и перспективен писател Георги Ставрески, од градот на Прличев, Охрид, и го зацртал својот творечки пат, како Прличев, од мистичниот Охрид кој ја возбуди и потресе Атина и да биде добитник на лаворовиот венец“.

Според наставничката Чифлигароска и самиот наслов на книгата кај неа побудил љубопитство и интерес за да го прочита романот и да ја открие поврзаноста меѓу сонот и вистината кои секогаш се раѓаат во човечката потсвест.

– Така знам дека и сите вие кои ќе ја земете оваа книга во вашите раце ќе ве натера со голема љубопитност, радозналост содржината да ја прочитате во еден здив, истакна Чифлигароска.

Пред присутните за делото на Ставрески зборуваше и м-р Ивана Рилкова Томеска, која напомена дека „целосно внесени во приказната ни станува по малку жал бидејќи сонот завршил, а реалниот живот продолжува“.

– Овој роман несомнено се вбројува во делата кои се читаат брзо и во еден здив, а долго се паметат, додаде Рилкова Томеска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави