И средношколците од „Свети Кирил и Методиј“ ја бојкотираат наставата
Охрид, 8. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Учениците од трета и четврта година во новоформираното средно стручно училиште „Свети Кирил и Методиј“ од вчера ја бојкотираат наставата барајќи враќање на државната матура од 2013 година.
Нивниот револт вчера го изразија со мирен собир во дворот на училиштето во времето кога требаше да бидат на часови, а според најавите, и денеска нема да ја посетуваат наставата, туку попладневната смена ќе ја поминат во училишниот двор.
Од вчера наставата ја бојкотираат и нивните врсници од Гимназијата „Свети Климент Охридски“.
Писмата со барања, идните матуранти ги доставиле до директорите на двете училишта.
Како што велат средношколците, новиот концепт на полагање на државната матура негативно се одразува и врз сегашните матуранти, и врз идните, и не придонесува за повисок квалитет и повисоки знаења.
– Тука е вклучено електронското полагање и полагањето во седум дена кое за нас е многу напорно, несигурно и неприфатливо, велат охридските ученици кои ја бојкотираат наставата.
Како што не’ информираа директорите на останатите два средношколски центри во Охрид, „Свети Наум Охридски“ и „Ванчо Питошески“, таму наставата редовно ја следат сите ученици.
Според се уште непотврдени информации, средношколците од Охрид кои не го поддржуваат сегашниот концепт на државната матура, утре ќе излезат на мирни протести во центарот на Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |