Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Учесници од 20 земји на Триатлон викендот во Охрид

Охрид, 4. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Сé е подготвено за Европскиот јуниорски триатлонски куп и Отвореното национално првенство 2019 што викендов, на 6-ти и 7-ми јули ќе се одржува во Охрид.

Учество ќе земат околу 200 натпреварувачи од 20 земји, поделени во неколку категории, во машка и женска конкуренција. Учесниците ќе се натпреваруваат во три дисциплини, трчање, пливање и велосипедизам. Стартот и целта на натпреварите ќе биде на плажата Buffalo Beach.

– Сакам да изразам голема благодарност до општина Охрид која повторни ни ја даде довербата и ни дозволи да организираме нов Триатлон со меѓународен карактер. Исто така сакам да се заблагодарам до СВР Охрид, Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимпискио комитет (МОК) кои ни помогнаа овој настан да го организираме на многу високо ниво, истакна претседателот на македонската триатлон федерација, Иван Михајлоски.

Во Охрид е и делегатот на Европската триатлон унија, Људмила Медан. Европската триатлон унија го препозна Охрид како одличен домаќин на ланското триатлон првенство.

– Ова не е мое второ доаѓање во Охрид, лани на триатлонот бев во улога на национален тренер на српската триатлон репрезентација. Сега дојдов како претставник на Европската триатлон унија. Триатлонот како спорт е нешто што нас од овие краишта успеа повторно да не зближи. Вчера кога дојдов почувствував колку оваа средина е зрела, колку е убава и колку вие сте успеале спортски да се усовршите, а и покрај бројните манифестации успеавте да останете топли и добри домаќини, изјави Медан.

Во името на општината како поддржувач на овој значаен спортски настан секретарот Игор Бежоски подвлече дека со организацијата на ваквите спортски манифестации, Охрид испраќа една силна порака за поголема афирмација и промоција на спортот и здравите навики.

– Очекуваме овогодинешното издание на триатлон викендот, да донесе вистинско спортско доживување за сите учесници и дека ќе биде интересно искуство за сите љубители на спортот, кои ќе бидат дел од публиката. Се надеваме дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид, рече Бежоски.

Европскиот јуниорски триатлонски куп и Отвореното национално првенство 2019 се во организација на Македонската триатлон федерација и асоцијацијата „Спорт за сите – сите за спорт“ со поддршка на Општина Охрид. Техничкиот дел на натрпреварите го објасни Иван Цветкоски од „Спорт за сите – сите за спорт“.

– Добивме уште еден голем спортски настан за организација. Пред се’ би сакал да побарм од граѓаните, од туристите да имаат разбирање за посебниот сообраќаен режим кој ќе го имаме во недела. Верувам сите заеднички почитувајќи ги правилата ќе се покажеме како добри домаќини. Сообраќајот на потегот од кружниот тек пред СРЦ „Билјанини Извори“ до кружниот тек пред влезот за хотелот „Инекс Олгица“ во правец Охрид – Св. Наум ќе ќе биде затворен за сообраќај во периодот од 07:30 до 16:30 часот. Сообраќајот ќе се одвива двонасочно во другиот дел од патот, правец Св. Наум – Охрид. Ние како организатори само во тој дел имаме ангажирано 30 волонтери и редари. Ќе има многу ознаки, а тука ќе бидат и припадниците на СВР Охрид. На овој потег ќе се одвива велосипедската трка. Пливањето во должина од 750 метри ќе биде на плажа Buffalo Beach, а ќе се трча на патеката Студенчишта, потенцира Цветкоски.

Официјалниот дел од триатлон викендот во Охрид ќе биде в недела, а в сабота натпреварувачите ќе имаат тренинг и ќе се запознаат со трасите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука