Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид домаќин на конференција за развој на туризмот во прекуграничниот регион

Охрид, 9. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охрид утре ќе биде домаќин на пограничен целодневен настан, кој под слоганот „Градење заедничка иднина – Creating a common future“ го организираат девет проекти имплементирани од страна на 30 граѓански организации.

Овој настан ќе обедини над 150 учесници од најразлични профили професионалци од сферата на туризмот, претставници на невладиниот сектор, локалната самоуправа, бизнис секторот, (активни во туризмот, агротуризмот и угостителството и стопанските комори), како и од медиумите.

На Конференцијата ќе присуствуваат министерот за локална самоуправа Горан Милевски, Самуел Жбогар, Амбасадор на Делегацијата на Европската Унија во Македонија и Луиџи Сорека, Амбасадор на Делегацијата на ЕУ во Албанија.

Во 11:30 часот свечено ќе биде отворен Спасувачкиот центар, прв од ваков вид во регионот, за спасување на вода и во планинското подрачје околу Охрид.

Главен фокус на настанот е идентификување на можностите за развој на туризмот, унапредување на соработката во прекуграничната област меѓу Македонија и Албанија, како и промовирање на резултатите на проектите кои се дел од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.

Предвидена е регионална конференција со наслов „Развој на туризмот во прекуграничната област“, на која заеднички предзнак ќе биде прекуграничната соработка во поттикот на локалната и регионална економија, развојот на одржлив туризам, важноста на иновациите во обезбедувањето регенериран и поквалитетен еко-систем, можности за нови вработувања.

Присутните ќе имаат можност да бидат дел и од атрактивен Саем кој ќе има за цел да ја илустрира синергијата на досегашната регионална соработка, (во рамки на 9-те проекти, дел од Програмата за прекуграничен развој помеѓу Македонија и Република Албанија). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави