Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Општина Охрид: Се евалуираат понудите за рушење на дивоградбите, ако има судир на интереси, ќе се постапи по законот

Охрид, 16. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Врз основа на јавниот интерес во врска со Огласот за јавна набавка за Ангажирање на градежна механизација за спроведување на административно управни акти за рушење на дивоизградени објекти, кој општина Охрид го објави на 28-ми јуни 2019 година, Ве информираме дека постапката за јавна набавка е се’ уште во тек, стои во дописот до медиумите од општина Охрид.

– Оваа постапка за јавна набавка, како и сите други, се спроведува согласно со Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2019) и важечките подзаконски акти, а право да достави понуда има секое заинтересирано физичко или правно лице или група такви лица, вклучувајќи ги и сите привремени здружувања, кои на пазарот или во постапката за јавна набавка го нудат предметот на набавка. Во текот на вчерашниот ден од страна на Комисијата за јавната набавка во општина Охрид беше извршено отворање на понудите. Следува евалуација на понудите, во која треба да се утврдат способностите на економските оператори и причини за исклучување од постапката. Доколку во текот на евалуацијата на понудите се утврди одреден судир на интереси, ќе се постапки согласно предвидените законски процедури, информираат од охридската локална самоуправа.

Реакцијата на општина Охрид дојде откако се откри дека фирмата на советникот Нефи Усеини од редовите на ДУИ, „Нефи ИК“ е пријавена на тендерот за избор на компанија за рушење на дивоградбите. По ова со реакција излегоа и од Државната комисија за спречување на корупцијата од каде јасно посочија дека „фирма што е во сопственост на членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини или е во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со општина Охрид“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави