Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

„Културолошка иницијатива 5 до 12“: Вечерва промоција на песнарката „Охридски музички бисерник“

Охрид, 16. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од алтернативното културно лето во Охрид, „Културолошка иницијатива 5 до 12“ вечерва ќе биде промовирана песнарката „Охридски музички бисерник“, а ќе се одржи и Jam session, во чест на младиот охридски музичар Андреј Лаброски.

Песнарката ги содржи мелографирани сите песни снимени од нашите претходници, односно ансамблот „Билјана“ под раководство на Кузман Поп Стефанија, изјави за рубриката „Имам нешто да ти кажам“ со Јован Цветкоски, која од денес започна на Супер радио и OhridPress, Јован Поп Стефанија од ансамбл „Билјана“.

– Песнарката содржи 66 композиции, од кои 62 песни и 4 ора. Андреј Лаброски овој проект го започна во 2016 година, но за жал не доживеа да го промовира, па затоа тоа го правиме сега во негова чест. Промотор на оваа песнарка е хроничарот на градот и новинар Владо Жура, рече Поп Стефанија.

Промоцијата ќе се одржи во „Кадмо бар“ со почеток во 20:00 часот, а од 21:00 часот ќе се одржи Jam Session на кој ќе настапат локални музичари.

– Датумот е одбран 16-ти, тоа е денот на роденденот на Андреј. Втора година го правиме овој настан. Лани поминавме одлично, годинава многу поорганзирани. Ќе настапат локални музичари кои свират и забавна и народна музика, а тука ќе бидат и сите познаници на Андреј, додаде Христијан Томески од „Билјана“.

Песнарката „Охридски музички бисерник“ ќе се продава по цена од 400 денари, а дел од средствата од продажбата ќе бидат наменети за помош за лекувањето на младиот музичар од Струга, Мартин Стојаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави