Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Синоќа во Трпејца отворено Културно-забавното лето „На зајдисонце“

Охрид, 22. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со настап на Фолклорниот ансамбл „Бисери“ и Изложбата на дела од првата Уметничката колонија одржана минатиот септември во оваа населба, синоќа во Трпејца започна Културно-забавното лето „На зајдисонце“.

На свеченото отворање на манифестацијата, која годинава се одржува по 8-ми пат, во името на охридската Локална самоуправа се обрати Претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска.

– Секое доаѓање тука, во овој уникетен предел на брегот на нашето Охридско Езеро, значи едно ново доживување, една нова магија на живописни пејзажи, на кои секојдневно танцуваат необичните нијанси на водата, небото и сонцето. Неповторливиот звук на езерските бранови и свежиот ветар се вистински мир за душата. Секој миг овде во Трпејца е една голема привилегија и можност да почуствувате како изгледа рајот на земјата. Уживањето во природните убавини, кои Ве планат од секоја страна, постојано се надополнува со љубезноста и гостопримливоста на трпејчани, кои се своевиден магнет за гостите. Токму затоа Трпејца е своевиден заштитен бренд на охридското крајбрежје и од година во година прераснува во место кое е се’ поинтересно и попримамливо за туристите. Ваквите културни манифестации придонесуваат за збогатување на понудата, која ова прекрасно место им ја нуди на посетителите и значително придонесува за негова поголема промоција. Се надевам дека манифестацијата „На зајдисонце” ќе продолжи да се организира и во иднина и дека ќе привлекува уште поголем број на посетители, истакна Ангелоска.

zizi

На свеченото отварање на манифестацијата беше присутен и градоначалникот на општина Модра од Република Чешка, Мирослав Коварик како и голем број гости од политичкиот и јавниот живот од Охрид.
Коварик дојде во Охрид на покана на Здружението „За Трпејца со љубов“ и хор, оркестар и играорна група утревечер – вторник ќе настапат на зајдисонцето во Трпејца.

Вечерва од 20:30 часот ќе биде отворена изложба на цртежи кои под менторство на професорот Слободан Пупиноски вчера и денеска ги работат деца летувалици и мештани. Потоа ќе следи Вечерта „40 години Охридски спомени“ со познатиот изведувач на шлагери и серенади Сефедин Бајрамов. Публиката ќе ужива во неговата изведба и во вкусот на виното од спонзорот на вечерта „Квин Марија“. Утре претпладне зпочнува Втората работилница за театар на отворено со актерката Марија Новак.

Организатор на манифестацијата „На зајдисонце“ е Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ со поддршка на Министерството за култура и општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави