Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Охридските аеромоделари со одлични резултати на „Срем куп“ и Меморијалот „Ѓорѓе Жигиќ“ во Србија

Охрид, 23. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат успесите на членовите на Аеро клубот „Охрид“, од два значајни натпревари кои се одржаа во Србија, се вратија со неколку медали.

На отворениот светски куп „Срем куп 2019“ што се одржа во Зрењанин учествуваа околу 100 натпреварувачи во три класи: F1 A, F1 B и F1 C. Од аеро клубот „Охрид“ настапија четворица натпреварувачи. Конкуренцијата беше голема, но успеавме да дојдеме до медали, вели за Супер радио и OhridPress Александар Цветановски.

– Јас се натпреварував во класата јуниори F1B, таа е класа Вакенфилд – модели со погон на гума. Имаше околу 30-на натпреварувачи, го освоив второто место, а Петар Цветановски беше трет. Во иста класа настапивме и на Меморијалот „Ѓорѓе Жигиќ“, каде освоив исто така второ место, а Петар заврши на четвртата позиција, вели Цветановски.

Екипно на „Срем куп“ беа втори, а на Меморијалот третопласирани.

На овие два престижни натпревари учествуваа и сениорите. Во силна конкуренција, меѓу бројни звучни имиња, во Зрењанин, Климент Масин го освои 9-то, а Анастас Божинов 14-то место. На Меморијалот пак, Божинов беше седми, а Масин 20-ти. Тренерот Митко Цветановски повеќе од задоволен од постигнатото, со оглед на условите во кои работаат и тренираат.

– Се покажавме во одлично светло. Според мене до 20-то место е добар резултат, со оглед на тоа што меѓу првите 25 се звучни имиња. Сите спомнати учесници се дел и од репрезентација на Македонија, сме учествувале на бројни европски и светски првенства. Колку за илустрација само лани, Александар Цветановски освои 22 трофеи. Ние и како екипа и како репрезентација на овие првенства успеваме да се носиме рамо до рамо со големите светски сили, со технички најподготвените земји, чии клубови имаат огромни буџети. Имаме помош како и за останатите спортски клубови од Агенцијата за млади и спорт, но од градот кој го претставуваме помош нема, досега ниедна локална самоуправа нема дадено финансиска поддршка ниту простории за клубот, вели тренерот Цветановски.

Тука не застануваат, пред аеромоделарите се уште два предизвици, неделава „Прилеп куп“ и следната недела Европско јуниорско во Прилеп. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Аеро клуб „Охрид“

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука