Охрид, 26. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридското село Скребатно е подготвено за седмото издание на манифестацијата „Охридска софра 2019“ што ќе се одржи утре.
Подготовка на традиционалното ѓомлезе, дегустација и оценување, но и специјално „Cooking Show” на готвачите од Гастромак ќе бидат дел од случувањата на манифестацијата. Присутните ќе може да видат како се подготвува, а потоа и да го дегустираат македонско традиционално јадење, кое е симбол на кулинарството во Охрид.
Десетина учесници ќе се натпреваруваат во подготовка на највкусното ѓомлезе. За таа цел е обезбеден вкупен награден фонд од 20.000 денари за трите најдобри специјалитети. Првата награда е во вредност од 10.000 денари, втората награда е 7.000, а третата награда изнесува 3.000 денари.
Официјалниот почеток на манифестацијата е во 10:00 часот и истата, декларирана како најомилена во локалните рамки претставува извонредна можност за промоцијата на алтернативниот туризам во охридскиот регион, како и потсетување на она што значи традиционална софра.
За граѓаните кои сакаат да присуствуваат обезбеден е бесплатен превоз со превозникот „Бале Турс”. Тргнувањето е во 09:30 чaсот, пред Скалестата зграда и во 09:45 часот пред Домот на култура во селото Лескоец.
Во текот на неколкучасовната програма, готвачите од Гастромак ќе имаат специјално „Cooking Show”, специјалната жири комисијата ќе го дегустира и оценува подготвеното ѓомлезе а најдобриот ќе го каже рецептот за овој специјалитет.
Во склоп на „Охридска софра 2019“ ќе биде снимено кулинарското шоу „Вкусот на традицијата“ со Адријана Алачки, а градоначалникот Koнстантин Георгиески ќе ги прогласи годинешните победници.
За музичкиот дел ќе бидат задолжани дуетот Селимова – Желчески и ансамблот „Билјана“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива