Охрид,27. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охрид, како најголем туристички центар во државата, деновиве го живее шпицот на годинешната туристичка сезона.
Иако, далеку од очекуваната исполнетост, сепак во градот деновиве, пред се’ поради Илинденскиот викенд се бара место повеќе.
Оваа година, по се’ изгледа ќе биде „викенд година“ за Охрид и градот е исполнет најмногу за викендите, додека преку неделата плажите се половично исполнети, додека на вечер е раздвижено по Кејот и шеталиштата. Ова се должи пред се’ на тоа што голем дел од гостите имаат сопствени станови, па за време на летото се „охриѓани“ и се како во сопствен дом.
За среќа, голем е бројот на странските туристи, кои организирано во групи со авиони или автобуси, или поединечно доаѓаат во градот под Самуиловата тврдина.
Во градот има солидна понуда на настани, од областа на културата, но и забавата. Тука е традиционалното „Охридско лето“, помалите фестивали кои се секојдневен декор во центарот на градот, во тек е првото издание на AMANET фестивалот, се подготвува и годинешното издание на Ohrid Calling, но и бројни други настани, кои привлекуваат поголемо или помало внимание кај посетителите. Деновиве во Охрид ќе одржат концерти и Жељко Јоксимовиќ, но и нашите Некст Тајм и Влатко Лозаноски.
Рано за биланси и тоа ќе се направи на крајот на годината, но сепак е јасно дека во оваа, (нај)важна област за Охрид мора да се стави уште поголем ред, со подобра организација, за да се стигне до саканото продолжување на сезоната, но не било каква, туку квалитетна, исполнета со соодветни и атрактивни настани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес