Отец Сашо Ристески: Велики Петок е тежок празник за христијаните
Охрид, 10. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – На Велики Петок е распнат Господ Исус Христос. Народот уште го вика и Распет Петок. Заради тоа што Христос настрадал со распнување, народот го смета овој ден за многу тежок ден и тежок празник, потсетува отец Сашо Ристески, парохиски свештеник во црквата „Свети Никола“ во Долна влашка маала во Охрид.
Според него, овој ден, навистина треба да се одбележува како тежок зашто распнатиот Исус Христос ја спасил човечката природа од гревот и пеколот.
– Христос пострада за сите нас. Тоа е единствениот настан во историјата на целото човештво, некој да пострада за целото човештво. Самиот Бог се унижува, ја прима човечката природа и како Богочовек бива распнат. На тој начин се искупени сите гревови од човештвото или како што се вика во црковните стихири, го искина списокот на нашите гревови и со тоа човечката природа е веќе обновена, спасена од гревот и од пеколот, а ние како луѓе добивме шанса, можност да бидеме искупени од гревовите и да живееме свет живот а со тоа да го наследуваме и да го населуваме Царството небесно, вели во интервјуто отец Сашо.
Православната црква, како што појаснува тој, го одбележува овој ден богослужбено.
– На Велики Петок започнува црковната служба при што како најважен момент е вадењето на Светата Плаштаница на којашто е претставен Христос положен во гробот и каде што го оплакува неговата мајка, Пресветата Богородица. Плаштаницата се положува на средината од храмот, на специјално приготвена маса која обично се украсува со цвеќе. Вечерта, на Велики Петок е опелото Христово или погребението Христово. Повторно на среде црква, на Плаштаницата се пеат таканаречените статии на Велики Петок во коишто се оплакува Христос од страна на богослужителите, но обично тие статии се печатат во поголем број и ги разделуваме на верниците, па и тие го следат текстот, додава свештеникот Сашо Ристески во интервју за Супер радио и OhridPress.
Велигденските празници, како што потсетува тој треба да се одбележуваат првенствено духовно, и како што потсетува, треба да се вапцуваат традиционални црвени јајца, а не да се шараат јајца во најразлични бои.
Комплетното интервју ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |