Избор Македонија

Втора среќа за пописот на Комисијата за европски прашања

Скопје, 29. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Собраниската Комисија за европски прашања денеска треба да расправа по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2020 година, во прво читање. Пописот повторно е ставен на комисиска расправа откако пред еден месец претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби ја закажа, па ја откажа седницата.

Образложението зошто нема да се расправа за пописот тогаш беше дека не дошол претставник на Канцеларијата на ЕК во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ пак, реагираа на начинот на кој треба да биде донесен законот за попис. Според партијата на Христијан Мицкоски, законот бил подготвен без консултации со опозицијата, а тие реагираа и дека со ставањето на европското знаменце власта се обидува во брза собраниска процедура да протне закон без јавна дебата на која ќе бидат пренесени и ставовите на опозицијата и на граѓаните.

Како што стои во предложениот текст, согласно Законот за државната статистика и Петгодишната програма за статистички истражувања 2018 – 2022, Државниот завод за статистика во април 2020 година треба да го спроведе деветтиот Попис на населението, становите и домаќинствата на територијата на Република Македонија.

Транспарентност на процедурите и постапките при спроведувањето на Пописот, неутралност и објективност во сите фази од процесот, стручна независност на надлежните органи и користење научни основи во методолошкиот пристап и подготовката на резултатите, како и доверливост и заштита на индивидуалните податоци, се целите и начелата на законот што се предлага.

Според Предлог-законот, се предвидува дека за Пописот ќе бидат потребни 522.751.000 денари од кои 221,315,000 за 2019 година и 301,436,000 за 2020 година. Финансиски импликации врз државниот Буџет ќе има и во 2021-ва (за прибирање, обработка и печатење на податоците од Пописот и нивно дисеминирање), но во предложеното законско решение не пишува колкава сума треба да се проектира.

– Државниот завод за статистика (ДЗС), како национален координатор на статистичкиот систем во земјaта, во целост е исправен пред обврската што поскоро да спроведе Попис на населението, домаќинствата и становите, со што би се надминала празнината настаната поради фактот што Пописот во 2011 година беше прекинат и не беше реализиран. Вообичаено е пописите да се спроведуваат на секои 10 години, и тоа во годините кои завршуваат на нула или еден. Последниот Попис на населението, домаќинствата и становите во земјава беше спроведен во 2002 година. Во 2011 година почнатиот попис беше прекинат со одлука на Владата, наведува Предлог-законот.

Во изминатиот период државава има спроведено осум пописи на населението: во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година.

На денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања е и Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година. (Крај)

извор: Плус инфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука