Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Свети пророк Илија – Илинден

Охрид, 2. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го одбележуваат празникот посветен на Светиот пророк Илија – Илинден.

Боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера. Родум од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин. Кога се роди Илија, неговиот татко Савах виде ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Ова беше предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него. Целата своја младост ја мина во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината за во тишина да размислува и да се моли. Прорече многу настани и направи голем број чуда со силата Божја, што беше во него. Пред крајот на неговиот земен живот го избра за свој наследник пророкот Елисеј, а потоа се вознесе на небото во огнена кочија, Се јави пак при Христовото преображение, а ќе се појави и пред второто Христово доаѓање.

Свети Илија или Илија Громовник како што е познат помеѓу народот секогаш се паѓа на ист датум во најсушниот и најтоплиот дел од годината. Се верува дека токму Илија е тој кој одредува кога и каде ќе падне дожд, а кога ќе биде суша. Поради тоа и до ден денешен во селата се задржал обичајот на Св. Илија да не се работи на поле, за да не се навлече гневот на светителот. Народот вели дека по празникот Св. Илија полека одминуваат жештините и сонцето е се подраго. Се верува дека на денешен ден е добро да јадете мед за здравје. Некогаш обичајот бил мајките да ги намачкаат децата со мед за цела година да бидат здрави.

Ефтим Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Спространов забележал дека Св. Илија е празник на кожуварите. (Крај)

извор: МПЦ-ОА  фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави