Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнува Меѓународниот семинар за македонски јазик во Охрид

Охрид, 5. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Охрид до 24-ти август ќе биде домаќин на 52. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и 46. Меѓународна научна конференција.

Официјалното отворање ќе биде денес напладне во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид. УКИМ нагласува дека тоа се две важни меѓународни манифестации кои имале голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет.

Меѓународниот семинар досега имал повеќе од 4.300 учесници од над 60 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик низ лекторатите во светот.

– Семинарот својата стручно-научна дејност на подрачјето на македонистиката ја започнал скромно, а до денес непрекинато се развива и израсна во афирмирана наставна, научна и културна институција единствена од ваков вид во Македонија и стана ценет славистички центар, соопштуваат од Универзитетот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука