Спорт

Ливерпул тргна со маратонот – ќе игра 67 меча за 300 дена за седум трофеи

Ливерпул, 5. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Европскиот фудбалски првак Ливерпул вчера ја почна сезоната со мечот од Суперкупот на Англија, против Манчестер сити и тргна по првиот од седумте трофеи што сезонава им се на дофат на црвените.

Покрај мечот за т.н. „комјунити шилд“, пред Ливерпул стојат и уште шест трофеја – Суперкупот на УЕФА (на 14 август со Челси во Истанбул), Лигата на шампионите, светското клупско првенство, првенството на Англија, ФА-купот и Лига-купот.

Би-би-си пресмета дека за да може Ливерпул да ги освои сите овие трофеи ќе треба да одигра 67 меча за околу 300 дена (во просек секои 4,5 дена по еден натпревар). Ако, пак, Ливерпул испадне веднаш од секое натпреварување вкупниот број на средби би бил 50, но ако од Лигата на шампионите продолжи да игра во Лига Европа, и игра реванши во ФА-купот (ако биде нерешено во првата средба), тогаш вкупниот број мечеви, со освојување на сите трофеи што стојат на патот, би бил 71.

– Би било супер ако би можеле да го искористиме целиот состав во текот на целата сезона. Тоа би ги олеснило работите. Бројот на мечевите се чини голем. Имаме големи цели. Никогаш нема да се обидеме да избегнеме натпревари. Среќни сме да имаме што е можно повеќе, бидејќи тоа значи дека сме имале успешна сезона. Првенството, како и секогаш, ќе биде нашиот главен фокус затоа што тука ги играме повеќето од нашите мечеви. Нема дуели за кои можеме да кажеме „ајде да ги испратиме децата таму“, бидејќи сите мечеви се толку возбудливи, тесни и конкурентни – рече Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул.

Единствената земја во која се достапни седум трофеи на највисоко ниво во една сезона е Англија. Единствениот начин да се игра за толку многу трофеи е прво да се освои Лигата на шампионите (ЛШ), што носи мечеви за Суперкупот на УЕФА и за клупското Светско првенство (СП), а потоа да има и четири домашни натпреварувања. Од 10 држави што имаат победник во ЛШ, во Англија, Франција, Португалија и во Шкотска се играат и лига-купови. Но Французите и Португалците го воведоа тоа натпреварување по победите на Марсеј и на Порто во ЛШ. Селтик беше европски првак во 1967 година, но Шкотска нема домашен меч за Суперкупот.

Ова е петти пат англиски клуб да игра за седум трофеи во една сезона. Претходно тоа беше Челси, кој, всушност, настапи во осум натпреварувања, во сезоната 2012/2013. Ливерпул беше првиот тим што играше за седумте трофеи, во сезоната 1984/85, а Манчестер јунајтед двапати го направи тоа. Нотингем Форест и Астон Вила ја испуштија шансата во доцните 1970-ти и раните 1980-ти години откако не се пласираа за англискиот Суперкуп. Ливерпул, исто така, можеше да го стори тоа во сезоната 1977/78, но реши да не игра на тогашниот Интерконтинентален куп.

Ниту еден англиски фудбалски тим досега не успеа да ги освои сите седум достапни трофеи во една сезона. Најблиску, со четири, е Манчестер јунајтед. Челси, пак, не освои ниту еден од седумте за кои се натпреваруваше во текот на сезоната 2012/2013. Тогаш Челси во почетокот на сезоната играше за седумте трофеи, но го освои осмиот што стана достапен таа сезона, откако од Лигата на шампионите се префрли во Лига Европа и го освои тој трофеј. Ливерпул, пак, не успеа да победи на ниту едно од седумте натпреварувања во сезоната 1984/85. Тимот беше втор во Првата лига и загуби во финалињата на Купот на шампионите, Суперкупот на УЕФА, Интерконтиненталниот куп и во Суперкупот на Англија. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука