Спорт

Македонските каратисти со седум медали од Универзијадата во Загреб

Загреб, 5. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Македонската карате репрезентација освои дури седум медали на боречката Универзијада која викендов заврши во Загреб, Хрватска.

Избраниците на селекторот Бошко Заборски изборија четири сребрени и три бронзени медали, со што се меѓу најуспешните селекции на карате турнирот на европската Универзијада во боречки спортови.

Сребрени медали освоија Петар Заборски, Сара Радическа и Моника Пендаровска во поединечна конкуренција, како и машкиот тим во борби во состав Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Роберто Ацковски и Горан Николовски.

Бронзените одличја ги освоиле Анѓела Мојсовска и Петар Спасеновски во поедничка конкуренција и женскиот тим во борби во екипна, а во состав Симона Заборска, Сара Радическа, Моника Пендаровска и Анѓела Мојсовска.

– Горди сме на постигнатите резултати, а спортистите покажаа голема борбеност и пожртвуваност за време на сите натпревари. Нивната посветеност и професионалниот однос кон спортот ги направи да бидат една од најуспешните селекции по број на освоени медали на оваа Универзијада, – истакна селекторот Заборски. (Крај)

извор: Дерби фото: ipon.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука