Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Вечерва се отвора традиционалниот фестивал „Вино и сирење 2019”

Охрид, 9. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Традицијата продолжува, вечерва и утревечер во Охрид ќе се одржи Фестивалот „Вино и сирење 2019”.

Фестивалот ќе се одржува на плоштадот кај Чинарот.

Македонските винарски визби, млекарници и индивидуални производители на сирење ќе имаат можност да ги изложат своите производи.

Овој фестивал нуди одлична можност и за локалните производители на вино и сирење да ги презентираат своите производи на пазарот. Во основа овој фестивал претставува своевиден мини саем на кој се презентираат виното и сирењето како дел од традиционалната македонска гастрономија, а заради неговата корисност се очекува да прерасне во значаен туристички настан во Охрид.

Ваквиот тип на претстваување е одлична можност за презентација на новите техники на маркетинг и продажба, поттикнување на партнерски врски и воведување дополнителни стимулативни мерки.

Со вечерашното отворање на Фестивалот „Вино и сирење 2019″, ппштина Охрид и Секторот за локален туристички и економски развој стартуваат со годинешните манифестации за промоција на локални продукти, производи и занаети.

Веќе од недела на истата локација, на плоштадот „Крушевска република” кај Стариот чинар почнува манифестацијата „Денови на медот”, манифестација на која до 13-ти август ќе се промовираат медот и производите од мед, а истата ќе биде одлична можност за охриѓани и гостите во Охрид да вкусат квалитетен мед и производи од мед.

Од 14-ти до 16-ти август ќе се одржува  манифестацијата „Охрид крафт експо”, за промоција на занаетчиството и занаетчиите, односно нивните производи и услуги, приближување на занаетчиството до младите луѓе, до граѓаните и до институциите. Истовремено манифестацијата има за цел да поттикне континуирана кампања за промоција на занаетчиството како фактор за економски развој, за зачувување на традицијата и културата на нашата земја, како и можност за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните кои се занимаваат со занаетчиска дејност. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави