Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Охридските атлетичари подготвени за одлични резултати на Европското тимско првенство во Скопје

Охрид, 9. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Четири атлетичари, членови на АК „Охрид“ се дел од македонскиот национален тим на 8-то Европско првенство во атлетика, трета лига, во екипна конкуренција што викендов ќе се одржува во Скопје.

Откако постигнаа завидни резултати и беа меѓу најуспешните на Сениорското атлетско првенство, Јован Стојоски, Марија Јовановска, Блаже Љушев и Стефан Стефаноски обезбедија место во македонскиот тим.
Атлетичарот Јован Стојоски ќе настапи на пет спринтерски дисциплини (100,200,400, 4 x 100 и 4 x 400 метри), Јовановска (100, 4 x 100 и 4 x 400 метри), Љушев во дисциплините 110/100 со пречки, скок во далечина и 4 x 100 метри, додека Стефановски во дисциплината фрлање диск.

Натпревари во сите атлетски дисциплини ќе има два дена, ќе настапат вкупно 337 атлетичари (179 мажи и 158 жени) од 14 земји: Македонија, Албанија, Андора, Азербејџан, Ерменија, БиХ, Гибралтар, Сан Марино, Исланд, Косово, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора и од Србија.

Македонија ќе ја претставуваат вкупно 26 атлетичар(к)и во повеќе дисциплини. Најдобри резултати и пласмани се очекуваат од Јован Стојоски, Дарио Ивановски и Дрита Ислами.

Нашиот Стојоски на прес конференцијата потенцира дека е во добра форма и се надева на одлично претставување на првенството.

Натпреварите започнуваат утре од 17:30 часот на националната арена „Тодор Проески“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива/АФМ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука