Забава Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Проектот NUMB Tribute to Pink Floyd се сели во градот на Конзулите, на 29-ти август на Ракометното во Битола

Охрид/Битола, 9. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – По супер успешниот концерт на „Долни сарај“ минатата година и летното уживање на плажа Cuba Libre од неодамна, проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd, се сели во Градот на Конзулите.

– Во четврток, на 29-ти август 2019 година, со почеток по 21:00 часот, во Битола најавуваме ноќ посветена на еден од најголемите и највлијателните рок бендови воопшто во музичката историја, легендарните Pink Floyd. Ќе уживаме сите заедно во 16 безвременски хитови на Pink Floyd, пропратени со спектакуларно видео и лајт шоу. Зад проектот стои екипа од 11 музичари од Охрид и Струга: Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владомир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (сајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали. Ќе се изведат некои од највредните дела на култните Pink Floyd како „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 од најголемите хитови, кои го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација, порачуваат организаторите.

Pink Floyd е една од највлијателните и најуспешни рок-групи на сите времиња. Со својата квалитетна мелодика и извонредна хармонија си обезбеди почесно место во историјата на рокот, и е на самиот врв на светската музика. Ако за некоја музичка група може да се каже дека ги премостила психоделичниот рок од 60-тите години на 20 век и електронските рок-експерименти од 70-тите години, сигурно, тоа се секако култните Pink Floyd.

Концертот ќе се одржи на Ракометното игралиште во Битола, а билети ќе се продаваат по рекламна цена од само 250 денари во:
– кафе „Јагода“, на Широк Сокак (карши „Пајтон“) и кафе „Интермецо“ во Битола,
– ТА „Бран“ и „Тобако плус“ во Прилеп
– Кафе бар „Голд“ – Ресен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави