Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

ГДУ: Имаме сознанија дека од ЈП „Билјанини извори“ им наложиле на своите вработени да гласаат за СДСМ или ќе ги изгубат работните места

Охрид, 13. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – За жал, денес сме сведоци на неетички и неморални постапки во кои целосно се злоупотребува вработен во ЈП „Билјанини извори“ во Охрид, притоа не мислејќи на последиците кои му ги нанесуваат, реагираат од Граѓанско Демократската Унија (ГДУ).

– Сепак се работи за човек кој дома има едно мало детенце, а на пат е уште едно. Како и да пробаат да го оцрнат работникот, само ќе покажат дополнително колку многу „работела“ етиката и моралот кај таквите личности, како што е директорката на јавното претпријатие. Мораме да напоменеме дека со многу слични ситуации бевме соочени на локалните избори и до нас пристигнаа многу други вакви застрашувачки информации, но бевме немоќни поради недостаток на докази. Моќта на СДСМ на локалните избори беше преголема што не дозволуваа да испливаат ваквите информации, нормално со помош на сите институции кои ги раководат. Една таква институција е баш ЈП „Билјанини извори“, за кое имаме сознание дека им наложило на своите вработени да гласаат за СДСМ или во спротивно ќе ги изгубат работните места, но не само тоа, туку и да донесат уште најмалку 5-6 гласови. Замислете до кој степен оди работата кога се подготвени дури и лебот на родител кој храни деца да му се одземе. Колку е тоа ниско и колку и да боли, тоа е целата вистина за локалните избори. ГДУ-Охрид целосно застанува во одбрана на својот сограѓанин и ќе се заложи да ја истера правдата до крај. Бараме неотповиклива оставка од директорката, која се осудила на ваков потег и ја злоупотребила својата службена должност и посегнала на ваков чекор, а воедно очекуваме надлежните институции да ги преземат потребните чекори и да се задоволи правдата. Згрозени сме од дополнителните информации кои ги слушнавме од нашиот сограѓанин и на какви се закани бил наложен и пред и после изборите, но за жал не е се документирано. И за крај, го прашуваме градоначалникот, дали е ментор на целиот притисок? Дали има сознание за ваквиот потег на директорката? Каква е неговата улога во притисокот и заканите врз вработените во јавната администрација, прашуваат од партијата.

Вработен во ЈП „Билјанини извори“ тврди дека директорката вршела притисоци за гласање, таа обвинува дека и’ биле барани пари за да не се објават разговорите

Реакцијата дојде откако на социјалните мрежи синоќа осамнаа принт скринови од разговор на поранешен работник во Јавното претпријатие „Билјанини извори“ од Охрид, со директорката на претпријатието, Гордана Јованоска. Од разговорите кои се објавени во оваа форма, се гледа дека директорката од работникот бара неговата жена да излезе на гласање, бидејќи „секој глас е битен“. (Крај)

извор: ГДУ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави