Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Владата формира оперативен тим кој ќе се бори против криминалот и корупцијата

Скопје, 13. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Владата формира оперативен тим кој бескомпромисно ќе работи на борбата против криминалот и корупцијата со цел да биде задоволена правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото и сега, информираат од македонската Влада.

Владата денес ја започна редовната 149-та седница со носење на одлука за формирање на оперативен тим кој преку координиран пристап бескомпромисно ќе работи во борбата против криминалот и корупцијата и кој ќе биде составен од највисоките претставници на институциите од извршната власт.

Со оперативниот тим ќе раководи заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Во оперативниот тим ќе членуваат министерката за правда Рената Дескоска, заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, директор на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, досегашниот заменик директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Ариф Асани и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.

– Со оваа одлука Владата покажува силна решеност да не запре борбата против криминалот и корупцијата како стратешка определба. Владата бескомпромисно ќе работи со цел да биде задоволена правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото и сега. Оперативниот тим е целосно подготвен да се стави на располагање на Јавното обвинителство и на судовите во остварување на нивните законски обврски, информираат од македонската Влада. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави