Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Свети седум Макавејски маченици – Богородичен пост

Охрид, 14. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес Светата Православна црква го одбележува поменот на Седумтемина Макавеи, нивната мајка Соломонија и свештеникот Елеазар, со што започнува и Богородичниот пост.

Сите пострадаа за чистата Израилска Вера од царот Антиох, од едни наречен Епифанос (просветлен), а од други Епиманис (безумен). Заради големите гревови во Ерусалим, особено заради грабањето колу архиерејската власт и злосторствата извршени при тие грабања, Бог допушти голема беда на Светиот град. Антиох сакаше да им го наметне елинското идолопоклонство на Евреите по секоја цена и сѐ вршеше во тој правец. Таа негова мисла ја помагаа и некои вероломни архиереи и други старешини ерусалимски. Еднаш самиот цар дојде во Ерусалим и нареди сите Евреи да јадат свинско месо, што е спротивно на законот Мојсеев. Зашто јадењето свинско месо беше очигледен знак дека некој се одрекол од верата Израилска. Старецот Елеазар, самиот свештеник и еден од преведувачите на Стариот Завет на грчки јазик, не сакаше да јаде свинско месо. За ова беше мачен и запален. Враќајќи се во Антиохија царот ги зеде со себе седумте синови наречени Макавеи и мајка им Соломонија. Седумтемина браќа Макавеи се викаа: Авим, Антонин, Елеазар, Гуриј, Евсевон, Алим и Маркел. Пред очите на мајка им свирепиот цар ги мачеше овие седуммина еден по еден, дерејќи ја секому кожата од лицето и фрлајќи ги потоа во оган. Тие сите храбро ги претрпеа маките и смртта и не се одрекоа од својата вера. Најпосле и мајка им, откако го виде својот тригодишен син во огнот, самата скокна во огнот и изгоре, предавајќи Му ја душата на Бога. Сите чесно пострадаа за верата во едниот жив Бог околу 180 година пред Христа. (Крај)

извор: mpc фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави