Избор Култура ТОП ВЕСТИ

„Разумната неефективност на математиката“, предавање на академик Љупчо Коцарев во Охрид

Охрид, 14. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на Научната и уметничка визита што се оджува во Куќата на Уранија-МАНУ во Охрид, вечерва во 20:00 часот ќе се одржи предавање на академик Љупчо Коцарев – „Разумната неефективност на математиката“.

Научниот интерес на академик Љупчо Коцарев е широк, опфаќајќи повеќе подрачја од физиката, техничките науки, и компјутерските науки: нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теорија на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци. Во период од 1986 година до денес академик Љупчо Коцарев публикувал повеќе од 140 публикации во списанија со фактор на влијание, повеќе од 10 публикации во (меѓународни и домашни) списанија без фактор на влијание, и повеќе од 150 публикации во зборници на рецензирани трудови од (меѓународни и домашни) конференции.

Тој бил едитор на 6 книги и автор на 6 патенти (одобрени во САД и/или Европа). Неговите публикации се цитирани според Web of Science (Science Citation Index) 6384 (6133 без самоцитирање) пати додека според Google Scholar тие се цитирани 11.248 пати (податоците од 25-10-2015 година). Според статистиката што ја води издавачот Elsevier статиите публикувани во Elsevier се видени/пристапени преку порталот на издавачот 18.946 пати (податоци до септември 2015 година).

Според статистиката што ја води издавачот Springer, вкупниот број на преземени (download) текстови од книгите кои ги едитирал акад. Коцарев е 36.500 (податоци заклучно со 2014 година). Академик Коцарев соработувал со истражувачи од многу земји вклучувајќи ги САД, Русија, Кина, Јапонија, Германија, Италија, Шпанија, Полска, Унгарија, Велика Британија, Австралија, Данска, Холандија, Франција, Канада, Мексико и многу други. Академик Љупчо Коцарев бил раководител на повеќе научноистражувачки проекти финансирани од ЕУ (програмите ТЕМПУС, ФП6, ФП7 и Хоризон2020), САД (NSF, ONR, NIH), Германија (DFG), НАТО, компанијата ST Microelctronics и Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего и Министерството за образование и наука на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави