Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Словенечката претстава „А,Е,И“ вечерва во рамки на „Културолошка иницијатива 5 до 12“

Охрид, 15. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Театарска претстава вечерва во рамки на алтернативното културно лето „Културолошка иницијатива 5 до 12“.

Гостува театарот „Харлекин“ од Словенија со претставата „А, Е, И“, која на смешен начин прикажува како тројцата ликови го гледаат светот од неговото создавање, па се’ до неговиот крај.

– Јазикот на кој што говорат овие луѓе се состои само од овие три букви: А, Е, и И. Претставата во првите пет минути е комедија, потоа се претвора во акција, па драма, за на крај да кулминира со борба за опстанок.
Стравот од крајот на светот е видлив – како за ликовите, така и за публиката. Крајот е брутално вистинит и еднаков за сите, велат од „Културолошка иницијатива 5 до 12“.

Во претставата играат Огњен Богдановиќ, Ненад Муждера и Митја Крањц, а идејата и режијата е на Ненад Муждера.

Претставата ќе се одигра на Филмската академија во Охрид, со почеток во 21:00 часот. Обезбеден е превод на сите европски јазици, а влезот е слободен.

Во рамките на алтернативното културно лето „Културолошка иницијатива 5 до 12“ предвидена е разновидна и богата програма, во која ќе се вклучат многу луѓе од урбаниот живот во Охрид, млади и креативни луѓе кои сликаат, фотографираат, танцуваат, глумат, играат, свират…

Организатори се Супер радио и НАТГ „Аматер“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави