Спорт

Утре ќе се одржи 33-от Охридски пливачки маратон

Охрид, 23. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Утре на патеката „Климе Савин“ во должина од 30 километри ќе се одржи 33-то издание на Охридскиот пливачки маратон.

Но, сјајот на оваа манифестација, масовноста и жарта со која се пречекуваа пливачите на градското пристаниште, од година во година се намалува. А како и да не е така?! Доколку поминете низ охридските улици, чаршијата, плоштадот нема да најдете ниту еден плакат, билборд или најобичен флаер кој ќе информира дека воопшто ќе има пливачка трка, која има традиција на одржување од 1962 година. Очигледно организацијата некаде затаила, па во градот домаќин на пливачката трка воопшто нема реклама. Најава за маратонската трка нема ниту на официјалната страна на Националната пливачка федеарција.

malmaraton2015

Годинава нашиот е четврти од шесте настани кои се дел од втората сезона на ФИНА ултрамаратон светската серија. Единствена информација до која успеавме да дојдеме е дека на стартот ќе ги видиме победникот од 2015 година Евгениј Поп Ацев, чиј најдобар резултат годинава е 4-то место во Санта Фе и Александар Илиески, кој беше 9-ти во Канада.

Самата традиција и значењето на Охридскиот пливачки маратон воопшто не го заслужува ваквиот третман.

maraton62

Охридскиот пливачки маратон, кој преставува еден од спортските амбасадори на Охрид и нашата република има долга традиција. Првата маратонска трка се одржа во 1954 година, а првиот Охридски пливачки маратон во 1962-та, кога на 5-ти август се пливаше Првиот светски шампионат во маратонско пливање на слатки води, кој прерасна во една од најголемите спортски манифестации од таков вид во Република Македонија.Меѓу професионалците победи Абдел Абу Хеиф од Обединатата Арапска Република, а меѓу аматерите неговиот сонародник Небил Шазди. Во женска конкуренција победи охриѓанката Атина Бојаџи. Во професионалната трка од македонските пливачи голем успех постигна Дики Бојаџи (трето место) и Климе Савин кај аматерите, кој го освои четвртото место. (Крај)

извор: ОхридПрес фото архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави