Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

ГФК Охрид Лихнидос денеска го започнува походот во Втората лига

Охрид, 24. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – По осум сезони, Охрид е повторно во второлигашкото фудбалско друштво.  Денеска започнуваат натпреварите во есенската полусезона, а прв противник на Охрид Лихнидос е тимот на кичевски Велазерими 77.

Одлична увертира на воведниот меч беше победата над Беласица и пласман во 1/8 финалето на македонскиот куп. Главна цел што си ја поставија е што подобро претставување и опстанок во лигата.

– Место за еуфорија нема. Цврсто треба да останеме на нозе и да се фокусираме на Велазерими. Нашиот противник е многу искусен има и фудбалери со долгогодишен стаж во Првата и Втората лига што е некоја блага предност. Секако и ние си имаме своите адути кои ќе ги искористиме да стигнеме до позитивен резултат. Како главни адути ги истакнувам хемијата во екипата и поддршката од навивачите и публиката која беше на СРЦ „Билјанини Извори“. Првичната цел е опстанок и се додека не го оствариме тоа нема да зборуваме за нешто друго, истакна капитенот Александар Бакулески.

Спортскиот директор на клубот Александар Мартиноски рече дека не успеале да се израдуваат на успехот што го постигнаа во Купот, со оглед на предизвикот што ги очекува. Изрази задоволство што навивачката група „Рибари“ дава поддршка, а ги повика и сите љубители на фудбалот да доаѓаат на натпреварите кои следуваат и да бидат 12-от играч за „сино белите“.

Во новата сезона тимот оди засилен со четворица фудбалери, Љупче Трпески, Александар Целески, Мартин Лекоски и Вецко Вренцоски и голманот од Победа, Даниел Котевски.

Воведниот натпревар во новата сезона во Втората лига Запад ГФК Охрид Лихнидос го игра денес од 17:00 часот на стадионот „Билјанини извори“, а цената на влезницата е 50 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави