Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Над 850 анкетирани охриѓани за Планот за одржлива мобилност – ПОУМ

Охрид, 27. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Обработени се податоци од над 850 испитаници, кои зеле учество во анкетата „Да планираме заедно“, која е дел од подготовките за Планот за одржлива урбана мобилност – ПОУМ.

Општина Охрид започна со подготовка на планот, а со „паметниот“ вид планирање акцент се става на активното вклучување на граѓаните од самиот почеток на процесот. За таа цел на општинската веб страна или преку пополнување на обрасци на специјалните штандови, граѓаните даваа свои мислења и предлози.

Изработката на планот ќе значи дека Охрид ќе може да аплицира пред европските фондови и да добие средства за таа намена, потенцира на денешната работилница со цел запознавање со проектот професорката на Техничкиот факултет во Битола, Јасмина Буневска Талевска.

– Вклучувањето на граѓаните е појдовна точка во процесот. Тоа нема да биде и крајна цел, сигурно дека со 23 прашања нема да се добие целокупната слика. Овој дел од процесот ќе биде заокружен со документ што ќе содржи краткорочни мерки што ќе се надоврзат на постојната пракса, за да се добијат решенија што ефективно би придонеле кон решавање на проблемите и на подолг рок. Охрид има изработена детална студија за уредување на сообраќајот во градот, која може да биде платформа за идните активности, но идејата на процесот на планирање одржлива мобилност или оптимизација на сообраќајот е да се надминат проблемите што се јавуваат кога планирањето на сообраќајот го спроведуваат исклучиво консултантски фирми, преку вклучување на сите релевантни институции, субјекти засегнати од носењето на Планот за одржлива урбана мобилност на градот Охрид, но пред се граѓаните, рече Талевска.

Со изработка на Планот за урбана мобилност се добива основа за унапредување на постојната состојба во сообраќајот и подобри услови за живот во самиот град, рече градоначалникот Константин Георгиески.

– Во туристичка сезона во Охрид во одредени денови има повеќе од сто илјади луѓе, а во текот на годината има 30 до 40 илјади луѓе, така што тоа е предизвик и проблем што треба да го решаваме, а носењето план за урбана мобилност на Охрид ќе придонесе за негово решавање. Во Охрид се јавува и недостаток на паркинг-места, но и повеќе зелени површини. Сето тоа влијае како на безбедноста, но и врз економскиот развој на градот и здравствениот аспект на граѓаните. Ние како Општина ја препознавме урбаната мобилност како еден од битните елементи за натамошнот развој на градот и оттаму со реализација на овој план се надевам дека ќе ги постигнеме зацртаните цели, вели Георгиески.

Планот за одржлива урбана мобилност –ПОУМ се изработува со цел да се оптимизира ефикасноста на сообраќајот, да се подобри мобилноста на пешаците и велосипедистите, да се промовира значењето на е-мобилноста во насока на намалување на емисиите на CO2, да се растовари сообраќајот во централно градско подрачје, да се зголеми нивото на безбедност и сигурност на граѓаните и да се подобри социјалната интеграција и еднаквост. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави