Дебрца, 30. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Краток документарен филм ќе го промовира Белчишкото блато во насока на негово прогласување за заштитено подрачје на национално ниво.
Филмот е изработен во рамки на проектот Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишко блато (Сини Вирој), кој го спроведува здружението „Екотуризам 2016“ и канцеларијата на UNDP, Скопје и е дел од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, финансиран од ЕУ со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање за промоција на овој биолошки и хидролошки важен локалитет.
Проектот се реализира веќе година и пол, период во кој се реализирани бројни активности во насока на прогласување на блатото за заштитно подрачје, информира проектниот раководител Ѓоко Зороски.
– Извршен е биолошки мониторинг на најважни растителни и животински видови и живеалиштето евлова шума во подрачјето на Белчишко блато. Исто така изградена е туристичка инфраструктура на блатото: летниковци, набљудувачница за птици, информативни табли. Направени се истражувања за валоризација на екосистемските услуги од блатото како и истражување за социо-економското значење на блатото. Изработена е веб страница за блатото (www.belciskoblato.mk) и промотивни материјали: маици и разгледници со мотиви од блатото. Не изостана поддршката од општина Дебрца. За кратко време ќе добијат две брендирани автобуски постојки во селата Ботун и Белчишта, како и рачна опрема за гаснење пожари, вели Зороски.
Сите овие активности се во насока на прогласување на блатото за заштитено подрачје на национално ниво, а веќе идентификувано како идно европско заштитено подрачје во рамките на мрежата НАТУРА 2000. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива