Охрид, 2. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Основните училишта во Охрид наставата оваа школска година ќе ја следат 4.610 ученици од кои 483 првачиња, додека во Средните училишта се запишани 1.942 ученици.
– Во сите образовни институции е извршено реновирање и реконструкција и се подготвени за претстојната учебна година. Нашата цел, како возрасни, но и како одговорна Локална самоуправа, мораме да овозможиме добри услови за работа во образовните институции, како образовниот процес би се одвивал без проблем. Тука мора да нагласам, дека за пофалба е менаџментот на ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, кој што со помош на општина Охрид, успеа да обезбеди средства од програмата на УСАИД во висина од 1.200.000 денари, за обнова на санитарните јазли, ѕидовите, ходниците и холот на училиштето. Би апелирал и менаџментите од другите образовни институции да го следат овој чекор и заеднички да работиме на подобрувањето на условите. Во изминатиов период, речиси и да нема училиште во кое не се изврши работен зафат. Во некои од нив се вршеше реконструкција, замена на дограмата како и изградба на објекти. Во нашиот фокус и понатака ќе остане подобрувањето на условите во образовните институции, бидејќи квалитетното образование значи и квалитетна иднина, истакна градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески, кој им посака успешен почеток на школската година на сите ученици при посетата на ОУ „Ванчо Николески“ во селото Лескоец.
Инаку, стартот на оваа школска година падна во сенка на предупредувачкиот штрајк на просветните работници, кој се одржа денес, на првиот ден од учебната година.
– Ако надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) и Владата, не ги послушаат нашите барања за зголемување на платите на наставниците, со што би се вратило достоинството на професијата, во октомври ќе организираме генерален штрајк кој ќе трае со денови, се` до исполнување на барањата, изјави Јаким Неделков претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура.
Согласно одлуката на Советот на СОНК во охридските основни и средни училишта денеска се спроведе најавениот предупредувачки штрајк, вели за Супер радио и OhridPress претседателот на Регионалниот одбор на СОНК во Охрид, Аце Речкоски.
– Штрајкот се спроведе во прва смена, настава немаше, беа реализирани само свечените приредби за првачињата, сепак тоа е нивно прво влегување во училишните клупи. Притисоци врз вработените немаше, вели Речкоски.
Основниот мотив за предупредувачкиот штрајк е нискиот социјален статус на вработените во оваа дејност. Повеќемесечните апели и обиди за решение на проблемите на вработените во оваа дејност помеѓу синдикатот и надлежното министерство не вродија со плод.
Во текот на овој месец Синдикатот ќе преговара со Владата за нивното барање платите на просветните работници да пораснат за 25%. Доколку нема решение во текот на септември, штрајкот ќе прерасне и во генерален. (Крај)
извор: Мета/ОхридПрес фото: архива