ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Марк Морел: Грижата за опкружувањето и животната средина треба да започне со едукација на децата

Охрид, 3. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Французинот Марк Морел по потекло е од Алжир, а по професија метеоролог. Заедно со својата сопруга Оливија и неговата сестра Доминик одлучиле пензионерските денови преку лето да ги поминуваат во Охрид, поточно во Авто кампот „Градиште“, а на посета им доаѓаат и нивните деца.

Уште при првата посета на Охрид во 2002 година, Марк се вљубил во градот и езерото. Но, покрај воодушевување, љубовта ја покажува и на друг начин, преку грижа за езерото, околината, животната средина, давајќи ни одличен пример и лекција. Секојдневно се грижи за околината, а деновиве со свои пријатели реализира акција за чистење на езерото од авто гуми. Покрај екологијата, вљубен е во пешачењето и планинарењето.

Во интервју за Супер радио и OhridPress открива детали за љубовта кон Охрид, езерото, планините, локалното население, но дава и лекции како треба повеќе да водиме грижа за животната средина.

Супер радио: Дали сте за првпат во Охрид, кажете ни ја накратко вашата животна приказна и воопшто која е вашата поврзаност со Охрид?

Marc Morell: Тоа е долга приказна. Јас живеам во Раштак во зимскиот период, но преку лето со мојата сопруга сме во Охрид, овде во Градиште. Јас сум од Франција, Монтпелје, поточно од селото Марсеон. Местото е на езеро, помало е од Охридското Езеро, но исто така е многу убаво. Моите врски со Охрид датираат од времето кога започнавме да работиме проект во Македонија, поточно на Балканот. Името на проектот беше „Water Observation and Information System for Balkan Countries“, еден интересен европски проект. На крајот на проектот организиравме конференција токму во Охрид, во хотелот „Десарет“ во 2004 година. Мојата прва посета на Охрид беше во 2002 година, открив одлично место, па одлучив конференцијата две години подоцна да се одржи токму на вакво место, покрај вода, што беше и наша тема.

Супер радио: Охриѓани ги поздравија вашите еколошки акции за чистење на ѓубрето од водите на Охридското Езеро. Како започнаа овие еко-акции и што се’ најдовте преку вашата подводна еко експедиција?

Marc Morell: Јас пливам во езерото секој ден и пронаоѓам многу ѓубре, најчесто пластичен отпад и тоа на потегот од овде до плажата „Оревче“. Па реков дека е добра идеја да ги отстраниме од езерото, бидејќи тоа го загадува. На овој начин го актуелизирав ова прашање, ѓубрето е извадено од езерото, сега треба да се дислоцира на соодветна локација на која се собира ѓубре. Изминативе три дена реализиравме акција за отстранување на гуми од езерото на потегот од Градиште до Трпејца. Не беше тешко да се извадат, повеќето беа на плажата „Оревче“, па со пријателите одлучивме гумите да ги извадиме од езерото. Една тракторска гума се’ уште остана закопана во песокот, беше невозможно да ја извадиме. Имам традиционален охридски чамец кој е направен овде и со него ги пренесовме гумите до копно.

Супер радио: Преку вашите објави на социјалните мрежи се добива чувство дека сте го пропатувале светот. Може ли да ја споделите со нас вашата перцепција за свеста за животната средина кај луѓето Македонија?

Marc Morell: Голем проблем во Македонија е што има многу ѓубре секаде и гледам дека нема подобрување на оваа тема, нема напори од луѓето, од населението и од властите за подобрување на состојбите, а нешто мора да се направи, да се исчисти земјата. Бидејќи ако сакате да се развива Македонија како познато туристичко место мора да се сменат навиките кај луѓето. Важно е да сме одлучни тоа да го направиме, па резултатите ќе дојдат за неколку години. Еве еден пример со Албанија. Бев таму во 2001 година и таму имаше голем неред, не се собираше ѓубрето. Но, по неколку години, не повеќе од пет, тие ја исчистија земјата. Во Македонија мора да се работи многу брзо на овој аспект.

отпушоците се собрани од плажата во само еден ден

Супер радио: Покрај ова, заинтересирани сте за пешачење по Балканот, особено во Македонија. За пријателите во околината, дали го препорачувате за пешачење во овој регион?

Marc Morell: Да, секако. Има многу планини и езера, луѓето се убави, што е многу значаен факт. Препорачувам луѓето да дојдат тука, да ја посетат Македонија, да одат и во Албанија, но мора да го подобриме опкружувањето, за посетителите да добијат добар впечаток. Ако сакаме земјата да се посетувана, за пешачење, планинарење и друго, мора да ја исчистиме, а луѓето мора да ги променат своите навики.


гумите кои се извадени од Охридското Езеро

Супер радио: Кое е најимпресивното место за Вас во Охрид за пешачење? Дали запознавте некој од локалните или гостите планинари и дали остваривте нови пријателства?

Marc Morell: Оваа година два пати сретнав Французи, кои доаѓаа од Португалија, беа многу сензитивни на овој аспект на загадување. Тие препорачаа луѓето секогаш да го собираат ѓубрето, да го собираат пластичниот отпад. Беа импресионирани од Македонија, својот пат го продолжија во Албанија. Потоа запознав две момчиња велосипедисти од Франција и тие го имаа истото чувство. Прво, како и многу други Французи, не знаеа каде е Македонија. Па затоа јас отворив веб страница www.republiquedemacedoine.org пред повеќе од 12 години за да ги информирам луѓето дека Македонија постои, дека е едно убаво место, дека е безбедна, нешто што имаме проблем во Франција и во западна Европа. Една карактеристика што не важи само за Македонија, туку и за цел Балкан, што е многу безбедно. Можете да одите во Скопје на полноќ или во два наутро, нема никакви проблеми. За разлика во Франција мора да бидете многу внимателни. Луѓето мора да знаат дека Македонија, не само што е убава земја со прекрасни луѓе, исто така може да патувате без проблеми во однос на безбедноста. Македонија е перфректна.

Супер радио: Ваша порака за локалната и централната власт, што да се преземе на полето на екологијата и заштитата на животната средина?

Marc Morell: Апсолутно мораме да преземеме силна акција на ова поле. Секако тоа мора да започне од властите, од Владата, па сите општини треба да учествуваат во тоа. Пред 12 години започнавме да го забрануваме пушењето на јавни места. Но, тоа не функционираше бидејќи немаше казни. По една година одлучија да не се пуши на јавни места, но беа предвидени и казни. Значи треба да бидеме одлучни во овој поглед. Треба да се забрани ѓубре да се фрла насекаде, во природата, така ја уништуваме Македонија. Тоа секако нема да биде целосно и брзо, но мора да се почне. Треба да се започне од децата, тие треба да се учат на вредностите, бидејќи тие гледаат од нас возрасните. На пример на Карибите каде живеев ситуацијата беше многу лоша, но сега е подобрена благодарение на едукацијата на децата и обврзувањето на луѓето да го почитуваат значењето и квалитетот на нивното окружување. Јас со мојата сестра Доминик секоја година ги чистиме овие диви плажи од отпад што го носи езерото или го оставаат луѓето. Пример во Трпејца има многу плажи, па јас и сестра ми ги исчистивме, го направивме тоа, сега има ѓубре, но е забележително помалку. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави