Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Охридскиот театар со „Каде е пиштолот?“ гостува на фестивалот „Гола Месечина“

Охрид, 4. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот народен театар в сабота, 7-ми септември со претставата „Каде е пиштолот?“ од унгарски автор Габор Ѓоргеј во режија на Дејана Николовска ќе гостува на интернационалниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“.

Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев и Стрезо Стаматовски.

„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.

Зборот „пиштол“ предложен уште во насловот не е ништо друго туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор , во кој гледаме четири луѓе што седат и петтиот како вперува пиштол во нив. Четири од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној кој е со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму тој – пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај. Tажно e, но овде не е можно да живеете без пиштол!

Интернационалниот фестивал „Гола месечина“ се одржува по шести пат, има натпреварувачки карактер и традиционално ќе бидат доделени награди избрани од три члена меѓународна жири-комисија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави