Граѓаните ќе почекаат за поевтин зелен картон
Скопје, 4. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Македонија има рок до крајот на годината да ја усогласи законската регулатива со директивите на ЕУ, со кои, меѓу другото, се предвидува подготовка на нов закон со кој ќе се овозможи зелениот картон да се спои со полисата за автоодговорност, но како што оценуваат упатените, најверојатно и тој рок нема да биде испочитуван.
Имено, насоките од ЕУ се да се направат што поскоро ваквите законски измени со кои се предвидува сите возила при регистрацијата да добиваат и зелен картон. Очекувањата се дека ваквите промени би довеле до намалување на цената, односно либерализација на цената за полисата за автоодговорност, но за да се случи тоа, зелениот картон ќе мора да го плаќаат сите при регистрација, и оние што патуваат и оние што не патуваат во странство.
Сопствениците на возила до 66 киловати за зелен картон со важност од еден месец плаќаат 1.850 денари, додека за годишен картон треба да издвојат 3.690 денари. Оние со возила над 66 киловати, за едномесечен зелен картон плаќаат 3.075 денари, додека за годишен 5.536 денари.
Зелениот картон, односно зелената карта за осигурување е меѓународна исправа со која се потврдува поседувањето осигурување од автоодговорност. Со овој образец се докажува дека возилото поседува осигурително покритие за време на неговата употреба во странство и при евентуалните штети што се направени при управувањето со возилото.
Македонија не е потписничка на Мултилатералниот договор, што претставува формален договор на еден број земји за меѓусебно проширување на територијалната важност на осигурувањето од автоодговорност.
Целиот текст прочитајте го ОВДЕ. (Крај)
извор: Нова Македонија фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |