Избор Локална самоуправа ТОП ВЕСТИ

Општина Охрид: Граѓаните да ги почитуваат законите и да не градат нелегално, бидејќи објектите ќе бидат урнати

Охрид, 4. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да не почнуваат нелегално да градат, бидејќи нивните објекти во најкус рок ќе бидат урнати, апелираат од охридската Локална самоуправа.

– Доколку сами не ги урнат започнатите дивоградби, тоа ќе го стори општина Охрид, а трошоците, по достава на трошковникот, ќе бидат на товар на инвеститорите. Воедно, согласно со законските прописи, против нив ќе бидат покренати соодветни кривични пријави за нелегално градење. Вчера, овластениот градежен инспектор при општина Охрид, поради продолжување на градењето на нелегален објект на улицата „Марко Нестороски“, кој претходно беше означен и запечатен, побара асистенција од СВР Охрид. Во акцијата, СВР Охрид поради постоење основи за сомнение за изведување бесправна градба, приведе тројца градежни работници, кои работеле на изградбата на нелегалниот објект на улицата „Марко Нестороски“. Вчерашниот настан покажува дека Локалната самоуправа цврсто е определена брзо и ефикасно да се справува со дивоградбите. Контролите за нелегално градење ќе се итензивираат, а во нив ќе бидат вклучени СВР Охрид и другите надлежни државни институции, додаваат од општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави