Охрид, 8. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Audrey и Harry Lesner од Чикаго, САД се вљубеници во патувањата и сакаат да го истражат секое катче од земјината топка и тие искуства да им ги пренесат на нивните читатели.
Нивниот The Budget Savvy Travelers е меѓу Top 10 Блогови за патување во светот и е победник во категоријата Best Budget Travel Blog 2019, која им помага на помалите бизниси да ги споделуваат нивните услуги на пазарот. Во текот на месец август оваа година тие го посетија Охрид и регионот и своите впечатоци и прекрасните фотографии ги споделија на нивниот блог и секако на нивните профили на социјалните мрежи.
Во интервју за Супер радио и OhridPress зборуваат за нивните впечатоци од Охрид, кои се неговите најголеми адути, но и кои работи треба да се сменат на подобро.
OhridPress: Кога го посетивте за прв пат?
Audrey/Harry: Прв пат бевме тука во 2017-та година, кога останавме само една недела. Тогаш сами организиравме тура низ целата земја, во која посетивме повеќе градови. Тогаш имавме среќа да се поврземе со Александар од ЕДЕН, туристичкиот кластер на југозападна Македонија, кои ни помогнаа да научиме многу за убавините на регионот, храната, историјата, но и многу за сите надворешни активности кои може да се искористат. Тогаш ни стана јасно дека станува збор за посебен регион и си ветивме дека мора да се вратиме и да поминеме повеќе време овде. Се вративме и сега сме тука околу 50 дена.
OhridPress: Што Ви се допаѓа најмногу?
Audrey/Harry: Ние сме едноставни луѓе. Ни се допаѓа што сме во близина на езерото. Неговата чиста и бистра вода, но и провидноста се импресивни. Кога на тоа ќе ги додадете навистина драматичните глетки и предели во Охрид, тоа го прави целото место магично. Исто така, луѓето во Македонија се исклучително љубезни, зборуваат одлично англиски, што за нас странците е многу корисно и го прави патувањето многу лесно и пријатно. Верувајте ни, затоа што сме поминале многу земји и луѓето тука се прекрасни. Исто така, храната е фантастична. Често им кажуваме на луѓето кои ги следат нашите активности дека пицата тука е подобра од Италија и од многу други земји во Европа.
OhridPress: Има ли нешто што не ви се допадна?
Audrey/Harry: Нашата најголема забелешка за Охрид, но и за остатокот на Балканот е што постојано нешто се гради и скоро цело време се слушаат градежните машини. Тој звук можеби значи дека има напредок, дека нешто се гради, но ние сме туристи и тој звук многу ни пречи. Во моментов додека ова го пишувам, некој работи во куќата наспроти нас. Можеби би било подобро, ако се согласат сите да не се користат градежни машини во периодот од 10:00 до 14:00 часот.
OhridPress: Колку време ќе останете овој пат?
Audrey/Harry: Како што напоменавме, прв пат дојдовме во 2017-та година, а сега планираме да останеме околу 50 дена.
OhridPress: Кога сте веќе толку време во Охрид, сугирно веќе се запознавте добро со неговите позитивни, но и другите страни. Што би сменале во Охрид?
Audrey/Harry: Би сакале да има експресен автобус од Охрид до Св. Наум, кој би застанувал кај Заливот на коските, Трпејца и Св. Наум. Последниот пат кога бевме тука, бевме со брод до Св. Наум, по што со автобус заминавме до Заливот на коските. Кога сакавме да заминеме, чекавме час и половина додека дојде мини-бус. Помисливме дека ќе треба да пешачиме до Охрид.
OhridPress: Ќе дојдете ли повторно?
Audrey/Harry: Да, сакаме повторно да се вратиме тука следното лето. Си поминавме одлично во Охрид со многуте концерти кои се случуваат тука. Многу ни се допадна Ohrid Calling, кој е многу уникатен настан. Верувајте, Охрид е место во кое може да се ужива во секоја сезона од годината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива