Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Кениска доминација кај мажите, Македонка триумфира кај жените на 33-от Меѓународен охридски атлетски маратон

Охрид, 8. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Кениецот Мозес Кипруто Кибире (01:42:59 423) во машка и Адријана Поп Арсова (02:02:09) во женска конкуренција се победници на 33-от Меѓународен охридски атлетски маратон, што се одржа денес, по традиција на Денот на македонската независност.

На вторта позција кај мажите беше Кениецот Исак Кимутаи Нгено (01:42:59 531), а трет Илир Келези (01:49:27) од Албанија. Ваквата ситуација во пласманот и тројцата ја одржуваа во текот на целата трка.
Кај дамите на второ и трето место се пласираа Кенијките Гладис Бивот (02:04:12), односно Емили Черијот (02:16:20).

Беа доделени награди и за најдобрите македонци во машка и женска конкуренција. Тука се пласираа Атанас Анчевски, Кокан Ајаноски и Трајче Илиески, односно Адријана Поп Ацева, Маја Рајчина и Сања Најдоски.
Наградниот фонд беше 500, 300 и 200 евра во машка и женска конкуренција, а за најдобрите македонски учесници по 150, 100 и 50 евра.

Медали добија и најдобрите кај мажите и жените во две категории: од 40 до 49 и над 50 години.

На ова издание на маратонот беше организирана и штафетна трка во 3 делници од по 10 километри. Тука триумфира штафетата на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), втора беше „Предатори“ и трета штафетата на АК „Охрид“.

Дополнителна возбуда на овогодинешната маратонска трка предизвика и чинот на запросување, кога атлетичарот Никола Ивановски и предложи брак на својата девојка.

И годинава како и лани, преспанскиот односно македонски херој, Васил Јанкула уште еднаш ја испрати пораката дека „Сите сме исти“. Тој со својот трицикл успешно ја извози патеката од Св. Наум до Охрид, а со овации беше дочекан на целта.

Охридскиот атлетски маратон со меѓународен карактер, е еден од најстарите атлетски манифестации на нашите и пошироките простори. Маратонот, во континуитет се одржуваше од 1976 година до 1993 година. Оваа спортска манифестација започна од општински и прерасна во сојузен и меѓународен Атлетски маратон со постојан пораст на бројот на учесници кој се зголемуваше од 4 во 1976 година до рекордни 150 учесници во 2017 година.

Иницијативата за организирање на Охридскиот атлетски маратон, во 1976 година дојде од Живко Стојчевски, кој со помош од тогашната спортска асоцијација „Софка“ ја организирал атлетската трка со само 4 учесници од Охрид. Стојчески бил дел од маратонците и бил победник а до денес е најтрофејниот учесник на овој маратон. Охридскиот атлетски маратон, непречено се одржуваше до 1993 година и беше организиран на 7-ми ноември како спортски настан по повод ослободувањето на Охрид. После 10 годишна пауза, а по иницијатива на покојниот проф. Влатко Димитров и другите членови од сегашниот организационен одбор, во 2004-та година обновен е Охридскиот атлетски маратон со што се продолжи традицијата на оваа голема атлетска трка.

Рекордот на патеката во машка конкуренција го држи Абел Кибет Роп од Кенија (01:34:58) постигнат во 2016-та година, а кај жените Ребека Џепчирчир од Кенија (01:48:12) постигнат во 2015-та година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави