Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Филмот „Километар во туѓи чевли“ награден на фестивалот на авторски филмови „Профест“ во Бачка Топола

Охрид, 9. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во конкуренција од 167 авторски трудови од 14 подунавски земји, филмот на авторката Кристина Алексиеска „Километар во туѓи чевли“, во продукција на охридската Телевизија Морис, викендов беше награден со специјално признание за посебен квалитет на авторскиот труд на 10-от по ред јубилеен меѓународен фестивал „Профест“.

Оваа година темата на фестивалот кој се одржа во Бачка Топола, во областа Панонија, Република Србија, беше „Убавината на различностите“. Фестивалот на авторски филм од земјите од подунавскиот регион „Профест“ е во организација на РТВ „Тренд“ од Бачка Топола.

– Целта на конкурсната тема „Убавината на различностите“ е да се промовираат толеранцијата, мултијазичноста, мултикултурноста на народите, религијата, убавината на обичаите и различностите. Покровители на фестивалот се министерството за култура на Република Србија, како и покраинскиот секретаријат за култура, јавно информирање и односи со верските заедници, информираат од Тв Морис.

Во филмот „Километар во туѓи чевли“, главната улога ја играат токму чевлите. Преку инверзијата која ја користи авторката, се покажуваат карактерните разлики помеѓу луѓето, поставувајќи предизвик пред себе: да изоди еден километар во различни чевли, пренесувајќи ја пораката – пред да осудите некого, обидете се да поминете барем еден километар во неговите чевли.

„Километар во туѓи чевли“ беше единствениот номиниран филм од Република Македонија на фестивалот „Профест“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави