Спорт

Аргентина и Шпанија први полуфиналисти на СП во кошарка

Донган, 11. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Аргентина ќе игра полуфинале на Светското првенство во кошарка по трет пат во својата историја, откако ја елиминираше Србија по победата од 97-87 (25:23, 29:26, 14:18, 29:20).

Предводени од Факундо Кампацо, кој беше вистински волшебник на врвот на нападот, како и Луис Скола, кој одигра уште еден фантастичен натпревар, иако има 39 години, Латиноамериканците ги исфрлија фаворитите во првото четвртфинале на СП 2019 во Кина. Во спор околу место во финалето, тие ќе се сретнат со подобриот од дуелот меѓу САД и Франција.

Кампацо беше број 1 во средбата со „дабл-дабл“ учинок – 18 поени, 12 асистенции, 6 скока и 3 украдени топки. Бекот на Реал (Мадрид) постигна 3/6 од тројка и направи 5 грешки за скоро 30 минути на теренот. Луис Скола додаде 20 поени и 5 скокови, Патрисио Гарино постигна 15 поени, а Габриел Дек и Лука Вилдоса имаа 13 и 11 поени, соодветно.

Богдан Богдановиќ со 21 поен беше најефикасен за Србија, додека Немања Бјелица постигна 18, а Никола Јокиќ остана со 16 поени, 10 скока и 5 асистенции.

Foto: FIBA

Шпанија e вториот полуфиналист откако не дозволи изненадување против Полска и стави крај на приказната за ривалот кој се врати на завршница на Светско првенство по отсуство од повеќе од половина век.

Фуријата го доби четвртфиналниот судир со 90:78 (22:18, 24:23; 21:17, 23:20) по што се пласираа во полуфиналето, каде ја очекуваат Австралија или сензацијата на турнирот досега – Чешка.

Рики Рубио беше најефикасен кај победниците со 19 поени, 9 аситенции, 5 скока, а Вили Ернангомез му помогна со 18, додека кај Полјаците најмногу се истакна Еј Џеј Слотер со 19 коша, надополнети со 6 асистенции.

Денеска на програмате се 1/4 финалните дуели помеѓу САД – Франција и Австралија – Чешка. (Крај)

Целиот текст прочитајте го ОВДЕ

извор: Плусинфо фото: Б92

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави