септември 12, 2019

Вевчани, 12. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Вевчани ќе бидат презентирани резултатите од проектот „Воспоставување систем за мониторинг и управување со Вевчанските извори – Споменик на природата“.

Проектот се реализира во перидот мај 2018 година – септември 2019 година, а целта е да се развие ефикасно управување со заштитеното подрачје и да се поттикне одржлив туризам со поддршка на локалните партнери и институции.

Активностите се во насока на воспоставување здрав и одржлив систем за набудување за заштитените подрачја Вевчански извори, за набудување на живеалиштата, евалуација на биопотенцијалот на диви трговски растенија, габи и животни во нивните природни живеалишта и подигната свесност за вредностите и придобивките од заштитата и зачувувањето на Вевчанските извори.

Поврзана слика

Во Вевчани ќе присуствуваат претставници на Делегацијата на Европската унија предводени од евроамбасадорот Самуел Жбогар, министерот за животна средина Горан Милески и претставници на UNDP.

Буџетот за проектот „Вевчански извори – Споменик на природата“ изнесуваше над 65 илјади евра. Во овој период од година и половина, ажуриран е планот за управување што ќе и помогне на општина Вевчани одржливо да управува со заштитеното подрачје; Утврден е биопотенцијал на диви трговски растенија и други шумски производи што ќе се користат за идно утврдување на квотата за собирање; Основана е и обучена ренџерска служба за спроведување мониторинг на приоритетните живеалишта и видови, а е опремена со GPS единици, двогледи, токи-токи, акциони камери, фото стапици, факели и теренско возило; Основан е турситички инфо центар во центарот на Вевчани за промовирање на природните вредности на заштитеното подрачје, се реализираа бројни работилници тренинзи, јавни дебати и филмски презентации, а веб страницата, социјалните медиуми и изработеното видео ќе помогнат во промовирање на заштитеното подрачје.

Овој е дел од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ кој има за цел да ја подобри заштитата на природата и да промовира одржливо користење на природните ресурси, истовремено зголемувајќи го капацитетот на локалните самоуправи и граѓанските организации за управување и промовирање на заштитените подрачја на професионален и одржлив начин.

Проектот е финансиран од Европската унија, преку ИПА II – Секторска оперативна програма за акција во животната средина и климата 2014-2020 и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Преку процесот на градење на капацитетите, развиени се 17 апликации за мали и средни и 8 за големи заштитени подрачја. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука