ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Направи добрина: Донирај НАДЕЖ за ЈАНА

Охрид, 13. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Пријатели и познаници, знајни и незнајни, сите хумани луѓе од Македонија и надвор од неа… ПРИКЛУЧЕТЕ СЕ на големата хумана акција за Јана, порачуваат организаторите на акцијата за собирање помош за храбрата Јана Арсовска од Охрид.

– Ви се обраќаме со апел за хуманост, со молба за донирање надеж, со желба заеднички да и дадеме сила и поддршка на Јана. Јана веќе петта година храбро се бори со еден премногу редок вид на канцер. Се работи за „адултна неуробластома“, детски рак кој кај возрасни е толку редок што тешко се прави и статистичка споредба, но во САД отприлика пресметале дека се јавува кај секој 1 на 12 милиони луѓе. После дијагнозата во Македонија во 2015 и операцијата во Скопје при која и беше отстранет левиот бубрег и надбубрежната лезија, Јана двапати се лекуваше во Флензбург, Германија (2016 и 2018), со поддршка од Фондот за здравствено осигурување. После две трансплатации на коскена срж, состојбата е следна: во нејзиното тело по втората трансплатација се уште имаше (под 1% во јануари 2019) малигни клетки на реткиот тумор. Лекарите од клиниката во Флензбург препорачаа ИТНА имунотерапија за Јана која по децениски истражувања низ целиот свет покажала резултати и станал дел од протоколите за лекување на оваа болест во огромен број земји во светот, чиј број се зголемува постојано. Но, поради реткоста на болеста, во Македонија ниту најстручните лица не знаат премногу за истата и за протоколите за лекување, па и покрај итните назнаки од Германската клиника, објаснувањето со луѓето од ФЗО околу оправданоста на барањето за поддршка поради докажаните резултати од имунотерапијата оди со… побавно темпо. За разлика од темпото со кое ваквите болести обично дејствуваат во организмот на еден човек, информираат на официјалната страна за помош на Јана.

No photo description available.

Имајќи предвид дека секој ден, секој миг е значаен, ние, семејството и пријателите на Јана, се одлучивме дека НЕ СМЕЕМЕ ПОВЕЌЕ ДА ЧЕКАМЕ и дека мора да започнеме голема акција со која секој од нас ќе донира малку, но тоа на крај за Јана ќе е исклучително многу. И притоа, под малку или многу, не мислиме на парите кои се донираат. За некого 100 денари значат доста, за некого се кусур кој е незабележлив. Но, гестот да се помогне на човек кој храбро со години се бори со тешка и опасна болест едноставно нема цена. Чувството дека само кога им помагаме на другите сме навистина живи со целиот наш потенцијал, хумани и грижливи едни за други, е одлика на сите добри луѓе со огромни срца низ целиот свет. Затоа, иако сумата која треба да се собере за лекувањето во клиниката „Ст. Жоан де Деу“ во Барселона, која прифати да ја лекува јана, не е мала (213.329 €), УБЕДЕНИ сме како во ништо досега, дека собирањето на овие средства е возможно и дека ќе го сториме тоа, сите заедно, сите како еден – за храбрата и силна Јана.

– И досега хуманоста на цела Македонија се покажала неброено многу пати, и досега хуманите срца чукале силно за Јана. Сега, уште еднаш, ги молиме сите добри и хумани луѓе да одвојат дел од сопственото и да донираат надеж за некој друг. За нашата Јана. Да донираат сила за нејзината битка, да донираат љубов и добрина кои ќе и помогнат да го совлада и овој голем предизвик. Таа може! Покажала и докажала дека е голем борец. Но, во овие моменти нашата заедничка помош и е многу многу потребна, бидејќи ова е момент во кој се потсетуваме дека никој не може сам на овој свет, но и дека кога сме обединети и со заедничка хумана цел, нема сила која може да и застане на патот таа цел. Човечкиот живот нема цена. Но, постојат моменти кога „светот“ ставил некаква цена на надежта за извојување победа во вакви големи битки. После оваа хумана акција, животот на Јана ќе биде голем сведок како многумина кои не се познаваат меѓу себе, се собрале и помогнале за да може една млада девојка да го продолжи својот животен пат и покрај сите пречки и предизвици. Нема толку висока планина која не можеме да ја искачиме заедно, кога сме хумани и сплотени. Кога сме добро организирани, додаваат организаторите на акцијата.

Броеви за донирање од Македонија:
Т-Мобиле 143 143
А1 (екс ВИП) 143 467

За донации преку жиро-сметка од Македонија:
5305-0001-0490-410, Охридска Банка

За хуманите луѓе надвор од Македонија:

gofundme.com/hopeforjana

или преку жиро-сметка на

IBAN:MK07530280003077681
SWIFT: OHRDMK22

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави