Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Во Охрид одбележан Светскиот ден на мирот

Охрид, 20. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – „Глобалната климатска опасност е закана за сигурноста и стабилноста“ е мотото под кое денес се одржа традиционалниот Марш на мирот, а по повод 21-ви септември Меѓународниот ден на мирот.

Претседателката на Советот на општина Охрид, Живка Ангелоска се обрати на свеченоста што по тој повод се одржа на плоштадот Св. Климент Охридски.

– Славејќи ја вредноста на мирот  никогаш не смееме да го заборавиме минатото, но мора да ветиме дека нема да дозволиме нашата невина младина да ги преживее истите работи кои други морале да  ги преживеат. Затоа мора да бидеме внимателни и сериозно да  пристапуваме кон секоја опасност која може да го „заниша“ нашиот мир .Сите сплотени во рамки на своите надлежности мора да   изнајдеме решение  и да се соочиме со климатските промени кои се закана за сигурноста и стабилноста на целиот свет. Сведоци сме на заканувачките пожари кои ги разорија „белите дробови на светот“ во Амазонија. Секојдневно се соочуваме со пожари и во нашиов регион. Климатските промени стануваат се посериозна закана за сите нас но и предупредување дека политиките на поделби мора да завршат, човештвото се наоѓа пред сериозен предизвик. На Меѓународниот ден на мирот, да се потсетиме на  големата  порака на поранешниот Генерален секретар на ОН, Бан ки Мун: „Сите  да се заложиме да ги учиме нашите деца за вредноста на толеранцијата и меѓусебното почитување. Да инвестираме во училиштата и наставниците кои ќе изградат фер и инклузивен Свет кој ја прифаќа различноста. Да се бориме за мирот и да го браниме со сета наша сила, рече Ангелоска.

Пред присутните свој говор имаше и потпретседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Љубиша Машановиќ, а беше положено и цвеќе пред спомен обележјата на паднатите борци и илинденци во градскиот парк.

Во рамки на свеченоста се одржа и пригодна културно-уметничка програма во која зедоа учество најмладите од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, учениците од ОУ„Братство единство“, а овогодинешната пораката за мир од Обединетите нации ја прочита Павел Маслов од Охридскиот Народен театар. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука