Oтповикана одлуката за „Контролирано движење“ во ЈУНП „Галичица“
Охрид, 20. септември 2019 (ОХРИДПРЕС0 – Со оглед на континуираното намалување на просечните дневни температури како и зголемениот обем на врнежи во регионот, од ЈУНП „Галичица“ ја отповикаа одлуката за воведување на „Контролирано движење“ во шумскиот појас на паркот.
Истата беше воведена на 9-ти август 2019 година, во согласност со член 57, став 3, од Законот за шуми, со кој се уредува контролираното движете во шумските појаси при зголемена опасност од појава на пожари.
– Со тоа сите посетитители можат да се движат во границите на паркот без барање за дозвола за „Контролирано движење“. Се активираат активностите во паркот кои заради оваа одлука беа одложени: маркирање во приватен имот, сеча на приватни лица во државна шума и други активности одложени заради истата одлука. Без дозвола посетителите можат да го напуштат асфалтот и да го посетат паркот во внатрешноста на паркот, информираат од ЈУНП „Галичица“.
Додаваат дека останува на сила забраната за палење на оган на отворен простор во паркот освен на двете места наменети за тоа, односно излетничките места „Јадера“ и „Корита“ кои се посебно уредени за таа намена. На сила останува и забраната за палење на стрништа во приватните имоти.
Од ЈУНП „Галичица“ ги информираат сите кои имаат поднесено документи за маркирање во приватен имот дека од понеделник ќе ги засили своите активности за да се овозможи истите навремено да ги завршат активностите околу снабдувањето со огревно дрво. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |