Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Отворена изложба на карикатури во Охрид

Охрид, 21. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Музеј „Куќата на Робевци“ во Охрид, синоќа со одржа промоција и отворање на изложба на карикатури.

Изложбата се состои од 50 карикатури – добитници на највисоката награда на секоја од 50-те изданија на Светската галерија на карикатури Скопје од 1969-2019 и ќе биде отворена до 3-ти октомври 2019 година.

За Светската галерија на карикатури

Кога ќе се спомене ОСТЕН – најпрвин се мисли на карикатурата.., и со право! Скопје, град со релативно скромни традиции во карикатурата, благодарејќи на професионалното организационо обликување на Светската галерија на карикатури од страна на членовите на Редакцијата на македонскиот хумористично-сатиричен весник „Остен“, од 1969 година прераснува во град-мека на светската карикатура и тоа трае веќе 50 години!

За тоа се заслужни многумина: Од Блаже Конески (кумот на името „Остен“), Ацо Шопов, Владо Малески, Славко Јанески, Василие Поповиќ Цицо, .., преку Дарко Марковиќ, Дукан Јелен, Владо Јоциќ, Панде Јаревски, Миле Попоски, Димитар Чудо, Ане Василевски, Глигор Костовски, Делчо Михајлов, Ѓуро Варга, Ефтим Проески, Живко Павлов, сите во своите области како работници или соработници во Редакцијата на ОСТЕН, … па сѐ до Мице Јанкуловски, кој од 2004 година заедно со тимот на ОСТЕН успешно ја продолжува традицијата на Светската галерија на карикатури. Брендот, за волја на вистината, испадна доста жилав. Од првиот број на 01.01.1945 година, ОСТЕН сам за себе вели дека е весник кој „излегуе кога ќе му текне“… така што, ОСТЕН е бренд со карактер – како што се и луѓето кои го воделе сите овие години.

Стварноста на времето во кое живееме ја замени карикатурата. Реалноста е карикатурална, но не на интересен, критички и конструктивен начин како кај карикатурата. Јавната комуникација е полна со навреди, омраза, што е одраз на сопствените фрустрации, стравови, несигурност и неподнослива леснотија на неодговорноста за пуштената мисла во етерот. Карикатурата е уметност на пренесување пораки. Оттука артикулацијата на критичката мисла сублимирана во визуелна порака е вистинскиот атрибут на карикатурата што треба да се негува, да се надградува и да се усовршува. Во јавната комуникација денес како да недостасува артикулација, затоа крајно време е да ја вратиме карикатурата на вистинското место!

ОСТЕН и денес го прави она што отсекогаш го правел и ќе го прави, а се содржи во значењето на неговото име – ги боцка и ги пецка, односно ги провоцира, ги предизвикува, ги мотивира, ги стимулира своите соработници, уметноста, културата, публиката, општеството… и придонесува работите да одат напред! По 50 години постоење, преку Светската галерија на карикатури, ОСТЕН ќе продолжи да создава услови за да можат карикатуристите од цел свет на мира да стрелаат со своите мирнодопски куршуми сочинети од елементи на политика, уметност, хумор и сатира – точно во центарот на сите сомнителни и проблематични точки на светот во кој живееме. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави