Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

ПХВ дефиле за промоција на толеранција, мир и соживот

Охрид, 25. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на програмата Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), денес ќе се одржи ПХВ дефиле за промоција на толеранција, мир и соживот, во организација на Црвен крст Охрид.

Дефилето под мотото „Дефилирај, не се фолирај“ е со почеток во 11:00 часот и тргнување од плоштадот „Крушевска република“ (Чинар), преку чаршијата и кејот се стигнува до Холандскиот парк каде ќе има кратка забавна програма со музички точки, како и доделување благодарници на годинешните младинци вклучени во ПХВ програмата.

– Ќе се дефилира со транспаренти со кои се промовира хуманост, заедништво, слога, еднаквост, хармонија, љубов и меѓусебно разбирање, а волонтерите на Црвен крст Охрид ќе им помагаат на лица со попречености и посебни потреби со цел да се поткрене свеста за нивната инклузија во општеството. Поканата за учество на ова дефиле е отворена за сите наши сограѓани, информираат организаторите.

Програмата Црвен крст во Акција – Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) е национална алатка за привлекување и задржување волонтери во Црвениот крст на Република Македонија. Истата се имплементира во сите Општински организации на Црвен крст и на годишно ниво обучува околу 1.200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 дисеминатори кои работаат со младинците. Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество, како и практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата. На годишно ниво се изработуваат од 150 до 200 мали проекти, преку кои им се помага на околу 3.000 лица во нашата земја, на некои краткорочно додека пак за некои помошта е долгорочна. Охридските ПХВ младинци оваа година изработија 8 проекти со кои помогнаа на наши сограѓани, а и го понесоа ПХВ пехарот како највисоко признание са најдобро изработени проекти на ниво на Република Македонија.

Во рамките на програмските активности на Црвен крст Охрид, во периодот од 21-ви до 27-ми септември се одбележува Неделата на програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности), по кој повод се организира дефилето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука